3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКнигите како бизнис – колку чини едно дело, колку пари врти издавачката...

Книгите како бизнис – колку чини едно дело, колку пари врти издавачката дејност

knigi

Од авторски права, преку превод и лектура, па се до печатење и промоција. Кога се ќе се собере трошоците за издавање на една книга може да се движат од скромни 500 до солидни 15.000 евра, се зависи од тиражот и од популарноста на писателот.

Во издавачките куќи објаснуваат дека најголем дел од парите одат на печатењето и на исплатата на авторските права. Така, издавање на книга од 500 примероци со околу 120 страни во обична корица чини помеѓу 20 и 30 илјади денари. Слична е висината и на трошоците за авторски права. На пример за класиците од македонската литература, како оние на Славко Јаневски или пак на Блаже Конески треба да се платат до 500 евра. Од актуелните, домашни автори, ретко кој признава колку пари земал, а за странските дела, авторските права се поскапи – од стотина, па до десеттина илјади евра. Дополнителен трошок е и преводот на македонски. Вообичаено се плаќа по 5 до 6 евра од една страница за стручни и овластени преведувачи. Оттука за книга од 200 страници преведувачот добива 1.000 до 1.200 евра. Сепак, некои книги ги преведуваат приучени луѓе без лиценци кои се нафаќаат тоа да го направат и за половина евро по страница, но тогаш драстично се намалува квалитетот на целото издание. Во вкупниот збир не треба да се заборави ниту данокот.

„Трошоците не се баш мали, но има различни европски фондации каде што се обидуваме и каде што најчесто успеваме да добиеме одредени финансиски средства, да го платат само преводот или само печатењето или и двата трошоци. Секако правиме финансиска конструкција дали тоа ни е исплатливо или не“ објаснува Игор Анѓелков од издавачка куќа „Или-Или“.

Просечниот тираж на македонски писател е 500 примероци. Поради недостаток на финансии, авторите некогаш се одлучуваат и за далеку поскромни тиражи се со цел да го издадат делото и тоа да стане јавно достапно.

 

Тешкиот пат од идеја до книга

Од замисла до реализација или од идеја до книга се стигнува тешко, особено за младите автори, признаваат издавачите. Им препорачуваат да ги користат современите технологии и за почеток своите дела да ги објавуваат online, а дури потоа да се осмелат и да се обидат да ги отпечатат.

„Поради подемот на блоговите и на социјалните мрежи веќе немаме толку традиционално авторство преку издавачка куќа. Ги охрабрувам младите автори да го фатат овој пат бидејќи тоа е пат на самоафирмација и ќе ги доближи до голем број на читатели“ вели Владимир Цветкоски од „Макавеј“.

За делото да се претвори во вистинска, отпечатена книга постојат повеќе можности. Една од нив е конкурсот на Министерството за култура за финансиска поддршка за авторите.

„Почетниот пат на младиот автор е значително олеснет бидејќи тој учествува на конкурсот преку издавачот, а потоа неговата книга е помогната од Министерството. Друго сценарио кое исто така не е ретко, доколку авторот не се обрати преку издавач до Министерството, е да оди преку самостојно финансирање или финансирање преку донации од трети лица или институции. Не е туѓо ни ова искуство. Во принцип доколку авторот е навистина квалитетен нема никаде да му бидат затворени вратите“ тврди Владимир Цветкоски од издавачката куќа „Макавеј“.

Македонија можеби е единствена држава во регионот каде директно се дава поддршка во издавачката дејност бидејќи тоа сепак е приватен сектор, вели министерката за култура според која во просек годишно директно се поддржувале по околу 500 наслови.

„Од 2008-та до сега Министерството има поддржано над 4.200 наслови, а редовно вршиме и откуп на книги кои не ги финансираме со цел и тие да се дистрибуираат во нашите библиотеки. Од 2008-та до сега имаме откупено над 47.000 публикации. Оваа бројка говори во однос на поддршката што ја даваме“ изјави неодамна министерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска.

 

Домашните дела не носат голема финансиска добивка

Сите издавачки куќи се едногласни – домашните дела не носат голема финансиска добивка доколку не се поддржани од државата или од некоја меѓународна институција.

„За домашни автори не можеме да зборуваме за некој голем финансиски бенефит, но самата можност да му дадете некому шанса кој ја пишувал својата книга една, две или пет години за нас е вистински предизвик бидејќи тоа е еден од начините како да поддржите млад автор за понатаму да го пронајде својот пат“, објаснува Игор Анѓелков од „Или-или“.

 

Светските бестселери најпрофитабилни и кај нас

Најпрофитабилни книги и кај нас се светските бестселери. Македонските издавачи го следат трендот на големите меѓународни куќи и популарните наслови стигнуваат без или со многу мало задоцнување.

„Најпродавани се покомерцијалните изданија, но во последно време се бараат и биографии, популарни се изданијата на Стивен Кинг, Тери Пратчет, а баранi се и детската литература и енциклопедиите“, вели Виктор Јованов од издавачката куќа „Арсламина”.

Дел од книжарниците нудат книги и на српски, англиски и на други јазици. Објаснуваат дека тоа се прави од две причини – или делото го нема на македонски или самите читатели го бараат на странски јазик.

„Има одредена група на луѓе што читаат на англиски; дел од причина што сакаат да го усовршат јазикот, дел поради тоа што нема преводи на Македонски, па мораат на англиски“, објаснува Хана Бабачиќ од издавачката куќа „Икона“.

 

Во Македонија се издаваат по две книги на ден

Во просек во Македонија се издаваат по повеќе од две книги секој ден. Ова може да се заклучи од податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) според кои во 2013-та од печат излегле 864 наслови со вкупен тираж од 724.000 примероци. Во 2012-та на секторот му одело подобро – биле издадени 997 наслови со тираж од над 1 милион примероци. За 2014-та и 2015-та година статистичарите се уште ги немаат изготвено извештаите.

Според ДЗС најпопуларна е белетристиката, речиси една половина од сите книги кои се печатат или по околу 400 наслови отпаѓаат на романите, новелите, збирките раскази. Следат учебниците и учебните помагала со по околу 200 наслови. Од друга страна строго стручна литература речиси и не се објавува. Од областите на астрономијата, геологијата или градежништвото годишно се печати по една, а некогаш и ниту една книга.

Сепак, издавачката дејност во Македонија е во подем. Во 2015-та бројот на регистрирани издавачи е дури 700, во 2007-та 300, во 1990-та само 12. Првата, „Култура“, била формирана во 1945-та и се уште опстојува.

 

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП