19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоголем избор, помали цени – зошто Македонците слабо пазарат на интернет?

Поголем избор, помали цени – зошто Македонците слабо пазарат на интернет?

shop

Поголем избор, помали цени, достапност на сите светски брендови и производи, но Македонците многу малку купуваат online. Проблемот е во недоволната информираност, стравот од злоупотреби и тешкото менување на навиките, велат упатените.

 

Интернет трговијата сигурна како никогаш досега

Опасност за измами и кражби на податоци секако има, но истото важи и кога одите во трговски центар со паричникот в џеб, објаснуваат информатичарите. Според нив, треба да важат општите мерки на претпазливост – да не се користат јавни компјутери во интернет кафеа, да се купува само од проверени и етаблирани online продавници, додаваат и дека сигурноста на трансакциите е голема и постојано се надградува.

„Постојат голем број начини на плаќање, сега во Македонија постои и PayPal, тоа е многу сигурно, но и кај другите форми, кредитните картички, нема разлика. Се применуваат глобалните заштитни механизми… Македонскиот интернет простор расте. Како луѓето се навикнуваат и почнуваат да им веруваат на познатите светски брендови и сервиси за интернет трговија, така ќе почнат да ги користат и македонските… Можеби е потребна поголема кампања за луѓето да видат дека се достапни тие сервиси, тие продавници и да почнат да ги користат “ објаснува универзитетскиот професор Димитар Трајанов.

 

Најпопуларни страниците за групни попусти 

Веројатно најпопуларни и најпосетувани се интернет продавниците што нудат групни попусти. За една зделка да успее, потребно е да се соберат доволно луѓе кои сочинуваат една група, врз чија основа добиваат попуст кој некогаш се движи од 50% до 90%. Само тогаш кога ќе се соберат доволно корисници, понудата се наплаќа и на e-mail-от на потрошувачот се испраќа купон кој и не е  потребно да се печати, може да се покаже и преку паметен телефон или таблет.

Анализите што ги прават овие трговци покажуваат дека тие се најпопуларни кај луѓето на возраст од 20 до 35 години, но се почесто и повозрасните се одлучувале да купуваат електронски.

„Безбедноста на податоците на корисникот е гарантирана. Системот на електронската продавница функционира на тој начин што ниту еден податок не се зачувува, бидејќи страната каде се внесуваат податоците е директна страна на банката…Секоја продавница мора да има регистрирано фирма за да може да направи договор со банката за воспоставување на вирутелен пост терминал преку кој се врши наплатата“ објаснува Бобан Стојановски, менаџер за продажба во продавница за групни попусти.

 

Во Македонија има околу 30 активни интернет продавници

Иако понудата е се поголема, а бројот на компании кои почнуваат да нудат производи и услуги online расте, Македонија се уште е на дното, активно работат помалку од 30 електронски продавници. Оние кои се одлучиле на ваков чекор велат дека клучен проблем за се уште недоволната интернет продажба е тоа што земјата е мал пазар и побарувачката е ограничена, но најмногу влијаела ниската свест и на граѓаните и на компаниите за предностите кои ги нуди интернетот.

„Кај физичка продавница трошоците се многу поголеми, има кирии кои зависат од локациите, трошоци за сметки, за комуналии… Кај интернет продавниците контактот со купувачите е поефикасен, директно се насочуваат кон самиот производ“ објаснува Костадин Тасев, маркетинг менаџер во online продавница.

За да ја развие интернет трговијата и да ги мотивира компаниите да продаваат online Владата додели субвенции на неколку компании. Помошта вклучуваше креирање каталог на производи, а најдобрите добиваат и дополнително одржување на веб страниците во период од една година. Најверојатно ќе се распише и нов оглас бидејќи целта е, како што велат надлежните, една третина од малите и средни претпријатија да имаат своја интернет продавница.

 

AliExpress, Amazon, Asos неприкосновени и во Македонија – колку чини поштарината и царината?

Домашните компании не можат да им конкурираат на светските гиганти особено за производите од широка потрошувачка. Македонците пазарат од Аmazon, АliЕxpress, Аsos и други популарни сајтови.

Сепак, ако на евтините производи се додаде цената на поштенските услуги преку брза авионска пошта тие на крајот можат да чинат и до 30 пати повеќе. Поради тоа купувачите најчесто се одлучуваат за обична копнена пошта, пат кој чини по евро до две, во некои случаи и бесплатно, но пратките патуваат и до два месеца.

Патот на пратката може да се следи преку интернет страницата на „Македонски пошти“. Но, некогаш се случува производот и да не пристигне. Од „Македонски пошти“велат дека производите се подигнуваат од главната пошта или од експозитурата каде што купувачот живее, а нивните вработени или се јавуваат телефонски или оставаат картичка во поштенските сандачиња. Нарачките завршувале на друго место само поради некомплетна адреса.

„Најголем дел од пратките од меѓународен поштенски сообраќај пристигнуваат од Кина, но Кина ги испраќа преку други држави и поради тоа има доцнење на пратките. Штом поштенските пратки ќе влезат на територијата на Република Македонија веднаш се доставуваат“ објаснуваат од Македонски Пошти.

За нарачките над 45 евра се плаќа и царина, па ако купувате повеќе производи под оваа сума подобро е да направите повеќе поединечни нарачки.

Тарифите се различни и зависат од категоријата на произоводот. На пример, за брендирана спортска опрема порачана од Англија во вредност од 190 долари, на Царина се плаќаат дополнително уште околу 110 долари. Затоа треба да се провери и пресмета дали некои производи поевтино ќе ве чинат дома или преку интернет.

 

Pazar3 и Rekalma5 на врвот на интернет огласниците

Интернет огласниците речиси целосно ги заменија своите печатени претходници. Изборот е поголем, пребарувањето е полесно, огласувањето е поедноставно. Најпопуларни во Македонија се Pazar3 и Reklama 5 кои имаат по 100.000 односно 310.000 активни огласи. Се продава и купува се – од станови и куќи до автомобили, камери, мобилни, миленици, па и услуги.

Сепак, овде не станува збор за интернет трговија во вистинска смисла на зборот бидејќи крајната трансакција се прави лично откако страните ќе се договорат телефонски.

 

ДЗС: 66.1 од домаќинствата имаат пристап на интернет

66.1% од домаќинствата во Македонија имале пристап до интернет во првиот квартал од 2015-та, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС). Според нив, од оние кои користат интернет, 17.6% барем еднаш купиле нешто online, а 10.4% тоа го направиле во последните 3 месеци.

Статистичарите пресметале дека најчесто се пазари облека и обувки (66.9% од купувачите), потоа билети и влезници (16.8%), уплати за хотелско и друго сместување (16.5%), како и книги и списанија (15.6%).

Според ДЗС Македонците најмногу пазарат од продавници надвор од Европа (56.2% од купувачите), потоа од Македонија (47.1%), па од остатокот од Европа (36.3%).

Од друга страна Македонците и продаваат на интернет. 5% од граѓаните понудиле производи и услуги online, во продавница или на аукција преку сервисите како ebay.

 

ООН: 5.4% од Македонците пазарат на интернет

Обединетите нации (ООН) ја рангираат Македонија на 41 место во светот според користењето на новите технологии во трговијата. Во извештајот „Информациска економија 2015“ стои дека речиси 64% од Македонците имаат интернет пристап, а 16.5% кредитни картички со опција за online плаќање, но само 5.4 редовно купуваат нешто на овој начин.

Според ООН ваквиот начин на пазарење е најразвиен во Европа односно во Луксембург, Норвешка и Финска, а најнеразвиен во Африка, речиси на целиот континент.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП