27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Ки Сејфти Системс“ гради фабрика во Кичево, најавени 1.000 вработувања

„Ки Сејфти Системс“ гради фабрика во Кичево, најавени 1.000 вработувања

fab kicevo

Американската компанија „Ки Сејфти Системс“  денеска започна со реализација на инвестицискиот проект за изградба на фабрика во ТИРЗ Кичево, која се наоѓа во селото Србјани.

На свеченоста присуствуваа премиерот, Никола Груевски, министерот за економија Беким Незири, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо и директорот на „Ки Сејфти Системс“ за Македонија, Богдан Петрута.

„Девет полни години траеа преговорите со оваа компанија и денеска со посебно задоволство можам да констатирам дека во Кичево, по долг застој, успеавме да донесеме компанија со светско реноме, која во наредниве две години ќе вработи околу 1.000 лица, што е од особена важност за населението во регионот“,рече Груевски .

Оваа американска компанија се занимава со производство на воздушни перничиња за автомобилската индустрија, појаси и електроника има 34 фабрики во 12 земји. Во Македонија стартуваше во браунфилд објект во центарот на Кичево, а со почетна инвестиција од 20 милиони долари ја започна изградбата на фабрика за производство на воздушни перничиња за светски марки на автомобили во зоната во Кичево.

„Од аспект на економски раст особено е значаен податокот што на годишно ниво извозот од компанијата ќе биде меѓу 50 и 60 милиони долари. Само да потсетам, минатата година извозот само од слободните економски зони изнесуваше над 1 милијарда евра, што е раст од 54 % во споредба со 2013-та година, додека во првите пет месеци од оваа година само од слободните економски зони имаме извоз од 553 милиони евра, а во месец мај извозот од зоните изнесуваше 120 милиони евра. ТИРЗ Кичево и инвестицијата на американската компанија  ’Ки Сејфти Системс’ се уште еден доказ дека политиките во насока на зголемување на инвестициите се правилно насочени“, рече министерот Незири.

Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо потсети дека со поставувањето на камен темелникот во ТИРЗ Делчево за заокружи проектот за функционирање на 14 зони, со цел за рамномерен економски развој.

„Паралелно со изградбата на оваа фабрика се привршува изградбата на ТИРЗ Кичево. Зоната е со површина од 3 хектари, ја сочинуваат 9 градежни парцели, од кои 7 се наменети за производни и услужни дејности, а ќе биде функционална до крајот на октомври“, изјави Мизо.

Директорот на „Ки Сејфти Системс“ за Македонија, Богдан Петрута го изрази своето задоволство од денешниот настан, кој ќе значи нова успешна инвестициска приказна за оваа американска компанија.

„Со гордост можам да кажам дека заедно изградивме бизнис кој започна во постојниот објект во градот Кичево, каде ќе функционираме до изградбата на фабриката. На постојните три линии веќе вработивме 72 лица од Кичево, а само оваа година во новата фабрика ќе бидат отворени над 300 работни места“, рече Петрута.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП