26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Со доверба до подобра услуга“ - проект за ажурирање на личните податоци

„Со доверба до подобра услуга“ – проект за ажурирање на личните податоци

smetka-strujaaa

Дирекцијата за заштита на личните податоци, ЕВН Македонија, Снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ – Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и ЈРП „Македонска Радио Телевизија“ започнаа заеднички проект за ажурирање на збирките на лични податоци на граѓаните, корисници на услугите како и нивните обврски за давање на личните податоци во контекст на исклучоците од примената на Законот за заштита на личните податоци.

Личните податоци на корисниците треба да бидат обработувани правично и во согласност со закон и да бидат соодветни, релевантни и не преобемни во однос на целите заради кои се собираат и обработуваат. За целосно почитување на ова начело, ажурирањето на личните податоци ќе се врши со пополнување на формулар кој на граѓаните ќе им биде доставен заедно со следните сметки, а кој граѓаните ќе може да го остават во означените кутии во некој од наплатните пунктови на ЕВН Македонија, Снабдување со топлина Балкан Енерџи Груп ДООЕЛ – Скопје или ЈП Водовод и канализација Скопје.

Компаниите кои ги обезбедуваат јавните услуги се одговорни за обработката на личните податоци на корисниците и за роковите на нивното чување, но корисниците исто така имаат обврска да обезбедат точни и целосни податоци, но и да се инфромираат за тоа кои се останатите обврски согласно законите и договорите кои ги склучуваат, информираат од Дирекцијата за заштита на личните податоци.

„Идејата потекна од Дирекцијата, меѓутоа беше добро прифатена од овие јавни претпријатија со оглед на тоа што во изминатиот период неколку пати беше забележано дека ваквиот тип претпријатија имаат неажурирани податоци, што не е секогаш по нивна вина односно сите ние како корисници ретко кога сме доволно ажурни да пријавиме во компанијата или во претпријатијата дека некој наш податок е променет, дека има некоја измена итн. Одлучивме заеднички да излеземе со една кампања со која што ќе им се објасни на граѓаните кои се нивните обврски, дека секако дека имаме и обврска да информираме за сите измени, но исто така и кои се обврските на овие јавни претпријатија да ги штитат и на кој начин да ги чуваат нашите лични податоци“, изјави Елена Стојановска, советник за меѓународна соработка и односи со јавноста во Дирекцијата за заштита на лични податоци.

Со сметките за струја, парно и вода граѓаните ќе добијат и формулари за да ги ажурираат своите лични податоци.

„Кон крајот на оваа кампања, што се очекува да биде во март, ќе имаме сумирани податоци и ќе можеме да кажеме колку сме биле успешни и колку реално базните податоци на овие јавни претпријатија биле ажурирани“, изјави Стојановска.

Овие формулари ќе може да се остават на наплатните пунктови на секоја компанија, а за кампањата ќе има отворени денови и медиумски ќе биде промовирана.

Стојаноска објаснува дека граѓаните овој пат нема да можат да ги ажурираат податоците електронски.

„Електронски нема да има можност овој пат да се ажурираат податоци бидејќи единствениот матичен број на граѓанинот не препорачуваме да се внесува електронски. Компаниите може да нудат гаранција дека ги криптираат податоците, меѓутоа никој од нас не може да гарантира дека домашниот компјутер може да му обезбеди доволно заштита за неговиот податок криптирано да отиде во некоја од компаниите. Токму заради ова апелираме до сите граѓани што ќе ги добијат во хартиена форма формуларите да ги пополнат и да остават барем на едно од наплатните места“, вели Стојановска.

Некои од граѓаните ќе добијат и три формулари, но тоа не значи на сите три места ќе треба да се однесе формулар.

„Доволно ќе биде во еден наплатен пункт бидејќи подоцна кога овие податоци ќе бидат собрани Дирекцијата заедно со партнерите во овој проект ќе даде една дозвола за соодветна размена на податоците така што базите ќе бидат воедначени и нема да мораме повторно да ги ажурираме натаму кај секоја компанија одделно. Тоа е еден од начините на којшто најдовме модус да ја скратиме постапката за да не мора секој од нас формуларите да ги носи на три различни места“, појаснува Стојановска.

Објаснува дека на самиот формулар има три полиња за граѓаните да ги пополнат корисничките броеви на секое од овие јавни претпријатија, за струја на броилото од ЕВН, на броилото за вода од Водовод и на онаа шифра на корисник на топлинска енергија.

„Онаму каде што таа шифра ќе биде празна тоа ќе претпоставува дека корисникот не е корисник на конкретната јавна услуга, така што при размената на податоците ќе се води многу грижа за тоа кои податоци ќе бидат предмет на размена, а кои податоци нема да бидат воопшто предмет на размена бидејќи тоа е една од начелата на заштитата на податоците“, рече Стојановска за МИА.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП