26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРекордна инфлација во Индија

Рекордна инфлација во Индија

India Daily Life

Загрижувачката инфлација во Индија во ноември скокнала на 7,52 проценти, што е највисоко ниво во повеќе од една година.

Индексот на големопродажните цени минатиот месец скокнал за седум проценти од октомври и тоа е најголем раст од септември 2012 година, пред се поради скокот на цените на храната од 19,9 проценти на годишно ниво, кој ја изгасна надежта дека поволните временски услови во монсунската сезона ќе го забават темпото на инфлацијата, пренесува агенцијата Франс прес.

Цените на горивата минатиот месец пораснале за 11,1 процент во однос на истиот месец минатата година. Растот на цените на храната и горивата посебно ги погоди стотиците милиони сиромашни Индијци кои живеат со два долари дневно и кои половината од приходите ги трошат на основните прехрамбени производи.

Растот на инфлацијата ги зголемува шансите индиската централна банка да ги подигне каматните стапки на овонеделниот состанок. Новиот гувернер на централната банка Рагхурам Раџан си ја постави борбата со инфлацијата како основна цел по доаѓањето на чело на банката пред два месеца. Клучната каматна стапка од септември е два пати подигнувана и моментално изнесува 7,75 проценти.

Меѓутоа, Раџан е под притисок да ги замрзне или дури и да ги намали каматните стапки за да ја подигне слабата индиска економија, која во три месеци заклучно со септември напредувала за 4,8 проценти, што е многу под 8 проценти, колку што изнесуваше просечниот економски раст пред неколку години.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП