26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГруевски: Наскоро тендер за 80 нови локации за мали хидроелектрани

Груевски: Наскоро тендер за 80 нови локации за мали хидроелектрани

gruevski

Владата наскоро ќе објави тендер за издавање под концесија 80 нови локации ширум земјава за изградба на мали хидроелектрани, најави премиерот Никола Груевски.

– До крајот на годинава постапката ќе биде отворена, а се надевам и дека ќе биде завршена. Новина е што овој пат имаме подобро подготвени тендери со направена физибилити студија за секоја од локациите, така што секој инвеститор однапред ќе знае каква хидроелектрана може да се направи, која е нејзината вредност, слабост и предност и со колкава моќ може да располага. Во 80-те мали хидроелектрани ќе се вложат 176 милиони евра, рече премиерот Груевски, одговорајќи на новинарско прашање по свеченото отворање на основното училиште „Битолски Конгрес“ во Скопје.

Тој посочи дека подобрениот тендер ќе биде и олеснување за државата бидејќи ќе се знае точната моќ на хидроелектраните што ќе се градат и на тој начин, нагласи, ќе може да се групираат подобри со послаби и да се продаваат како концесии во пакет.

Прецизира дека досега се издадени 60 концесии за мали хидроелектрани од кои дел се започнати да се градат, а дел од нив наскоро би требало да почнат да се градат.

– Нашиот зацртан план е да имаме 400 мали хидроелектрани и за толку се одредени места дека може да се направат низ Македонија. Како завршуваат  физибилити студиите дел по дел ќе ги објавуваме, рече Груевски и додаде дека веќе се работи на следната фаза.

Изградбата на малите хидроелектрани, според премиерот Груевски, ќе биде значајна за енергетскиот потенцијал на Македонија.

– Иако се мали, со оглед дека се многубројни, кога ќе се соберат на куп ќе бидат значајна енергетска поддршка и ќе обезбедат поголема стабилност на енергетскиот систем на Република Македонија, рече Груевски.

Потсети дека Владата во овој момент преку АД ЕЛЕМ инвестира околу 33 милиони евра во ревитализација и модернизација на шесте големи хидроелектрани во Македонија.

– Ревитализацијата и модернизацијата на големите хидроелектрани треба да заврши до крајот на идната година. Со тоа не само што ќе им се подобри векот, туку ќе им се зголеми и капацитетот, нагласи Груевски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП