26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата ќе помага за полесно користење на новата ИПАРД програма

Владата ќе помага за полесно користење на новата ИПАРД програма

ipard-cena

Агенцијата за финансирање на земјоделскиот и руралниот развој идната недела ќе распише оглас за кофинансирање проекти од ИПАРД програмата за земјоделски и проекти од областа на руралниот развој.

Во оваа програма, како што информира денеска на прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, вклучени се три мерки со кои ќе се инвестира во дејности поврзани со производство на овошје, зеленчук, винова лоза, месо и млеко.

Владата, нагласи тој, во наредниот период на еден посуштински начин ќе се обиде да ги претстави сите можности што им стојат на располагање на земјоделците, а тие се значителни и по обем и по квалификации со цел да се постигне што поголем одзив и поголема стапка на искористеност на ИПАРД средствата.

Владиниот портпарол појасни дека со повикот ќе бидат кофинансирани проекти кои спаѓаат во земјоделски стопанства и имаат поврзаност со примарното земјоделско производство, инвестиции во преработка на земјоделски производи, со која се финансираат секундарните сегменти на земјоделско производство, односно преработувачката и рурална диверзификација, со која значително се проширува општата основа за кофинансирање на проекти и оди во насока на поддршка на руралниот развој.

– Во врска со производството на овошје, винова лоза и зеленчук ќе бидат кофинансирани проектите кои значат обновување на повеќе годишните насади, набавка на опрема за наводнување, механизација за обработка на земјиштето на кое се обновува повеќе годишниот насад, заштитни мрежи, дополнителна опрема, како и апарати за собирање на производите и нивно складирање, но и финансирање објекти кои во иднина ќе служат за нивно складирање. За млекото и месото ќе биде поврзано изградба и реконструкција на објекти кои служат за чување на добитокот, механизација, изградба и реконструкција на обкјекти за складирање и преработка на производите, а ќе бидат поддржани и проекти за обезбедување и складирање сточна храна. Широка е палетата на производи кои може да се финансираат преку оваа намена и цениме дека би било рационално исправно доколку средствата бидат искористени, рече Ѓорѓиев.

За стекнување на правото за користење на овие средства, Ѓорѓиев појасни дека е потребно барање до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Доколку се аплицира за проект помал од 50 илјади евра, тогаш неговата целисходност се докажува само со техничкиот проект, но ако се работи за проект над 50 илјади евра тогаш целисходноста се докажува со деловен план.

– Субјектот што аплицира треба да покаже можност за континуитет за реализација на неговиот проект во период од најмалку пет години. Треба да бидат исполнети сите услови кон државата и субјектот што аплицира да има во сопственост земјоделско земјиште или да има договор за долгорочен закуп, рече Ѓорѓиев.

Генерално, додаде, прифатливо е изградба на нови и реконструкција на старите објекти, набавка на нова опрема и земјоделска механизација, а ќе биде поддржано и финансирање определени објекти, како што е изработка на физибилити студија, ангажирање архитекти и инженери, а сумата не треба да изнесува повеќе од 12 проценти од вкупниот обем на побарани средства за кофинансирање.

– Корисници на проектот може да бидат сите земјоделски стопанства независно дали тие ќе бидат предводени од страна на физичко или на правно лице, а средствата може да бидат од 3.000 до 1,5 милиони евра, изјави Ѓорѓиев.

Процентот за подмирување на направените трошоци, според него, ќе изнесува 50 отсто од вкупниот обем на инвестицијата со неколку исклучоци. Доколку апликантот е млад земјоделец на возраст од 18 до 40 години се подмируваат 55 проценти од инвестицијата, ако е субјект кој се наоѓа во рамки на планинксите региони ќе добие 60 проценти, ако  е млад во планински региони ќе добие 65 проценти, и доколку апликантот спаѓа во подрачје кое Агенцијата го прогласила како специфично апликантот ќе добие 75 отсто.

За инвестиции во преработувачка на земјоделски производи и нивен маркетинг ќе се кофинансираат проекти за подобрување на квалитетот на виното, воспоставување и модернизирање на откупни центри за овошје и зеленчук, на производствените технологии во капацитетите за преработка на овошје и зеленчук, на собирни центри за млеко и месо и технолошко осовременување на капацитетите за преработка на млеко и месо, воспоставување на кланичен капацитет за добиток и живина и инвестиции за реструктуирање на капацитетите за преработка на месо и друго.

Во овие сегметни, како што информира Ѓорѓиев, ќе се кофинансираат инвестиции во изградба или реконструкција на производни објекти за вино, производи од овошје и зеленчук, одржливо користење на енергија од обновливи извори, набавка и инсталација на опрема и достигнување на стандардите, подобрување на квалитетот на виното, овошните и зеленчукови производи, за воспоставување или модернизирање на откупни центри за овошје и зеленчук, опрема наменета за капацитети за собирање, прием, ладење и складирање, како и набавка на опрема за сортирање, собирање, складирање и ладење во откупните места,…

Корисници на овие средства може да бидат само правни лица и тоа мали и средни претпријатија, и задруги. Висината на кофинансирање изнесува покривање на 50 проценти од направените трошоци за инвестицијата.

– Условите за конкурирање за добивање кофинансирање на ваков вид на проекти генерално опфаќаат поднесување на барање за кофинансирање до Агенцијата за финансика поддршка на земјоделството и руралниот развој приложување доказ дека ќе се обезбеди континуитет на деловниот потфат следните пет години, кој за проекти до 50.000 евра се докажува со технички проект, а за проекти над 50.000 евра со деловен бизнис план, исполнување на национални стандарди, во врска со законите од земјоделството, животната средина, здравството, урбанизмот, и исполнување на стандардите на Агенцијата за храна и ветеринарство -подмирени обврски кон државата, доказ за сопственост на земјиште или доказ за долгорочен закуп на земјиште и слично, појасни Ѓорѓиев.

Рокот за аплицирање за кофинансирање на проектите ќе изнесува 45 дена, односно јавниот повик ќе трае до крајот на август. Потоа во период од три до четири месеци ќе се врши евалуација на апликацииите, и по проценките до крајот на годината може да се очекува потпишување на првите догвори, а некаде и првите исплати на уделот на кофинансирање.

– Апелираме што поголем број земјоделци и земјоделски претприемачи да се охрабрат и да ја искористат оваа можност, да аплицираат за средства и на тој начин да обезбедат значителна поддршка за развој на својот бизнис, за своја, семејна и егзистенција на вработените во капацитетите, но и за отворање нови работни места и нови вработувања, од што корист ќе има целото општество, нагласи Ѓорѓиев. 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП