5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПунктот за бездомници во Момин Поток од вечерва отворен 24 часа

Пунктот за бездомници во Момин Поток од вечерва отворен 24 часа

Пунктот за бездомници „Момин Поток“ од вечерва ќе биде отворен 24 часа за згрижување на бездомните лица на територијата на Скопје поради најавата за студен бран, беше соопштено при денешната посета на пунктот на градоначaлникот на Скопје, Петре Шилегов, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и секретарот на Црвениот крст на град Скопје, Сузана Тунева-Пауновска.

Овој пункт на бездомниците ќе им обезбеди 24-часовна услуга следниве три месеци, односно во декември, јануари и февруари, и дополнително ќе бидат ангажирани 40 волонтери на Црвениот крст што ќе се грижат за нив.

„Град Скопје се грижи на секаков можен начин да им излезе во пресрет на бездомните лица што живеат на овие простори. Станува збор за наши сограѓани на кои им е неопходна помош, пред сè, сместување. Скопје е солидарен град. Нашата цел е да им помогнеме на овие луѓе особено во зимскиот период кога ниските температури значително им ги отежнуваат условите за живеење“, изјави градоначалникот Шилегов.

Тој потенцира дека планираат ставката во буџетот на Градот за 2018 година, која се однесува на поддршка на прифатилиштето за бездомни лица, да се зголеми од 500.000, колку што досега издвојувал Градот, на 700.000 денари.

„Скопје е град на сите. Секој жител на Скопје заслужува солидарност, заслужува покрив над главата, затоплено сместување, дневен оброк, средства за хигиена и лекарска помош. Нашата заедничка обврска е преку координирани акции да ги ги обезбедиме сите овие услови и на бездомните лица“, рече Шилегов.

Пунктот располага со 32 кревета и санитарен контејнер со 4 туш-кабини, поделен на машки и женски дел, со што може да одговори на потребите на овие лица.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, го најави отворањето на 3 нови пункта за бездомници во Битола, Струмица и во Струга.

Секретарот на Црвениот крст на град Скопје, Сузана Тунева-Пауновска, нагласи дека соработката со Град Скопје и со Министерството за труд и социјална политика е одлична, како и со дел од скопските ресторани, кои им донираат супи и топли оброци за бездомниците, но и со приватните болници, кои им даваат лекарска помош на овие лица.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП