26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗемјоделство: про и контра воведувањето персоналец и зголемувањето акциза

Земјоделство: про и контра воведувањето персоналец и зголемувањето акциза

Воведувањето на персоналец и зголемувањето на акцизата ги подели земјоделците и експертите – за едни новите и поголеми давачки нема да имаат негативни ефекти, за други ќе придонесат во осиромашување на земјоделците и поскапување на производите.

Први на удар ќе бидат земјоделците, но цехот ќе го платат и сите граѓани, сметаат во Здружението Агротиквешија. Очекуваат повисоки цени на производите веќе од следната сезона.

„Земјоделските производи на крајот ќе бидат и за 10, па и 15 и 20% поскапи поради тоа што и самите откупни организации си прават свои калкулации за никогаш да не ја загубат добивката, дури и колку што можат да ја зголемат. Сите тие аномалии кои што се појавуваат во откупот на земјоделските производи секогаш паѓаат на товар на земјоделецот“ вели Љупчо Аризанов од Здружение на земјоделци Агротиквешија.

Ако земјоделците од тиквешко се против, оние од струмичко се за измените – тврдат дека се воведува ред кој нема да има негативно влијание ни на производителите ни на потрошувачите.

„И во иднина нашиот земјоделски производител нема да плаќа повеќе финансиски средства на база на продадени производи. Ако до сега на база на продадени производи од еден милион денари плаќаше 20 илјади денари истата сума ќе остане и во иднина“ смета Ристо Велков, Здружение на земјоделците од струмичкиот регион.

Законот кој наскоро треба да се гласа во Собранието предвидува плаќање на персоналец на основица од 20% од вкупните приходи бидејќи на земјоделците им се признаваат 80% нормирани трошоци.

„Целиот овој режим значи олеснување на земјоделците. Тие досега на крајот на годината поднесуваа извештај до УЈП и добиваа решение за паушално оданочување. Оние граѓани кои остваруваат дополнителен приход од продажба на земјоделски производи кога вршат продажба на правни лица, исплатувачот ќе мора да пресмета, задржи и уплати персонален данок на нивна сметка“ вели Павле Гацов, даночен експерт.

И дел од агроекономистите сметаат дека новите давачки нема да бидат сериозен удар врз земјоделците.

„Земјоделците никогаш не биле оптоварени со големи даноци, факт е дека не биле толку оптоварени да не може да си платат данок. Мојот став е секој што произведува и продава на пазарот да плати“ вели Борис Анакиев, професор по агроекономија во пензија.

Сепак, законските измени ќе имаат најголем удар врз најсиромашните – оние со приходи до 300 илјади денари годишно.

„Можам да кажам дека 90 до 95% од земјоделците имаат приход до 300 илјади денари. Секој ќе си наплати, но земјоделецот нема каде. Уште ова ни фали па да го решиме проблемот со земјоделството односно целосно да го уништиме земјоделството“ објаснува Аризанов.

Земјоделците не биле консултирани пред Владата да го утврди новото законско решение, велат од Агротиквешија. Оттаму сметаат дека Владата нашла начин како да собере повеќе пари од даноци, но не од побогатите, туку од земјоделците.

И од Националната федерација на фармери (НФФ) сметаат дека со ова се оди чекор назад – земјоделците се ставале во подредена положба.

„Уште во 2009 година, по интензивни преговори со Министерството за финансии успеавме да го решиме проблемот со одбивањето на персоналниот данок од страна на откупувачите преку откупната цена и на тој начин обезбедивме укинување на манипулациите на откупувачите при пресметка на откупните цени“ се наведува во соопштението на НФФ.

Ако за воведувањето персоналец мислењата се поделени, за зголемувањето на акцизата на нафтата во најголем дел се негативни.

„Очекуваме Владата да ја преиспита ваквата одлука или барем таа да не важи за земјоделството. Се надеваме ќе размисли малку повеќе дали во оваа мерка ќе биде вклучено и земјоделството или ќе биде изземено како што стори на времето владата на Кљусев. Тврдиме дека земјоделската механизација што троши огромни количини гориво, не загадува ниту град, ниту село и би требало да се размисли дали оваа мерка навистина треба да се воведе во земјоделството“ вели Вељо Тантаров од Сојузот на земјоделски здруженија

„Горивото е една од носечките инвестиции за секој земјоделец. Апсолутно се зголемуваат трошоците преку зголемувањето на цената на нафтата: за заштита на растенијата, за орањето, за сите земјоделски активности. Се се зголемува. Зголемувањето на цената на нафтата не е во ред, а допрва ќе видиме и како ќе се одрази, дали директно на наш грб зашто преку цените на крајните производи кои се исти со години, тешко можеме да ги уновчиме трошоците кои сега плус и ќе се зголемат“ смета Љупчо Аризанов од Здружение на земјоделци Агротиквешија.

Случајно или не и оваа мерка за струмичките земјоделци е добра – реакциите околу акцизата биле политички манипулации зашто трошоците поради нејзиното зголемување ќе биле минорни.

„Да не се прави политички маркетинг со нафтата, туку да се смисли стратегија како и на кој начин ќе се пласира земјоделскиот производ зашто цените на производство се многу повисоки од цените на производите при пласманот. Тоа што ќе се качи цената на нафтата за 3,5 денари литар, нема да биде голем трошок“ вели Ристо Велков, Здружение на земјоделците од струмичкиот регион.

Од Министерството за земјоделство велат дека зголемувањето на акцизата на нафтата не треба да ги загрижува ни земјоделците ни потрошувачите зашто нема да предизвика поскапување на земјоделските производи. Со воведувањето на поевтина зелената нафта чие законско решение наскоро ќе влезе во владина процедура, трошоците за земјоделското производство ќе бидат значително намалени.

„Во буџетот на Министерството за земјоделство има пари за набавка на гориво за земјоделска механизација и владата оваа мерка ќе ја реализира следната 2018 година. Во министерството за земјоделство во завршна фаза се анализите за трошоците поединечно за секоја земјоделска култура. Оваа мерка е од големо значење за земјоделците бидејќи ќе придонесе за драстично намалување на трошоците во производството“ изјави Соња Јанковска, портпарол на МЗШВ.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП