Вработените во „Фени“ денес ќе го радикализираат штрајкот. Најавија блокирање на патниот правец Прилеп-Градско. Тие бараат повлекување на предложениот стечај за фабриката, бараат платите да им се исплаќаат во целост и до продажбата на фабриката да имаат статус на вработени.
Привремениот стечаен управник, пак, Мирослав Анастасиевски, утрово соопшти дека веќе се утврдени слабо менаџирање и лоши деловни одлуки во фабриката.
„Сакам да ве известам дека во финална фаза е подготовката на извештајот за спроведена претходна постапка, кој ќе биде поднесен до Основниот Суд Велес. Од направените анализи се препознава компанија која е западната во тешка финансиска состојба како резултат на слабо менаџирање и лоши деловни одлуки. ‘Фени индустри’ АД има добар бизнис-потенцијал, а отворањето стечајна постапка во овој момент е единствен начин за зачувување на имотот, спречување на настанување штети и изнаоѓање најбрзо можно решение за рестартирање и ангажирање на вработените во одржување на технолошкиот минимум, со изнаоѓање нов стратешки инвеститор и брз премин кон нормално функционирање“, соопшти привремениот стечаен управник.
Некои од вработените во „Фени“ вчера излегоа на штрајк пред локалните филијали на банките кредитори на фабриката и побараа повлекување на стечајот. Штрајкот не ги премисли банките што останаа на ставот дека стечај со реструктуирање и изнаоѓање сериозен инвеститор е единствено решение за спас на фабриката.
Рочиштето на кое ќе се разгледува можноста за отворање стечај за „Фени“ е закажано за 13 ноември во Основниот суд во Велес.
Дел од вработените најавија дека ако е потребно ќе штрајкуваат секојдневно до 13 ноември и секојдневно ќе го радикализираат штрајкот.
Некои од вработените што не излегуваат на штрајк сметаат дека претседателот на синдикатот на „Фени“ е продолжена рака на раководството што ја довело фабриката до колапс. Тие најавија дека се организираат за избор на ново синдикално раководство во кое раководните лица нема да имаат влијание.