4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗгаснувањето на „Фени“ ќе ги направи транспортерите бездомници, ги заложувале куќите за...

Згаснувањето на „Фени“ ќе ги направи транспортерите бездомници, ги заложувале куќите за да купат камиони

Евентуалното згаснување на металуршкиот комбинат „Фени индустри“ ќе повлече затворање уште стотина фирми, од кои 56 од Кавадарци, кои вршеле транспорт за фабриката. Транспортерите се жалат дека фирмата ќерка на „Фени“, „Нова логистик“, задолжена за транспорт, им должи околу 4 милиони евра оти не ги плаќала обврските со месеци.

„Сите сме заглавени со кредити и хипотеки, а веќе осум месеци ‘Нова логистик’ не ни плаќа. Ќе нè направат и бездомници оти многумина, за да купат камиони, ги заложија куќите. Во Кавадарци овие 56 фирми транспортери имаат околу 200 камиони, сите возат за ‘Фени’. Ние сме сведоци на деструктивно работење веќе 2,5 години, цело време сме под притисок. ‘Нова логистик’ ги добива парите од ‘Фени’ за транспортот за 45 дена, нас ни направи да ги добиваме на 140 дена, па на 240 дена и сега уште ништо не ни исплатиле. Лани нè натераа да потпишеме дека долгот ќе ни го исплатат во 2017 година. Да сме ја помогнеме фабриката. Принудени бевме да потпишеме, ако не потпишеш, нема да ти даде налог и пропаѓаш“, вели еден од транспортерите.

Вработени од „Фени“ велат дека на раководството му било битно транспортерите да се исплатат во 2017 година за да можат нечепнати да ги извадат 68-те милиони долари депонирани во банка за покривање на работењето на фабриката. Банките потврдија дека од оваа сума останала нечепната и на крајот на 2016 година, а раководството во фабриката си ги повлекло парите во целост.

Последниве неколку дена до транспортерите стигнал предлог од „Нова логистик“ да потпишат за долгот да се префрли на „Фени“ за да влезе во стечајна маса.

„Јас на такво нешто не сум согласен. Не сакам да влезам во правни лавиринти. На колегите што се обидоа, пак, нотарите одбија да им направат такво префрлање. Ние одлучивме парите да ги бараме од ‘Нова логистик’ оти со нив имаме договори. Имаме интензивни состаноци, формиравме одбор од 5 луѓе и се подготвуваме за тужби“, вели транспортерот.

Во фирмата „Нова логистик“ никој не одговара на телефоните. Не одговорија ниту на прашањата испратени на нивната имејл-адреса. Адвокатското друштво „Апостолски“, правен застапник на БСГР, малцински акцинер на „Кунико ресурсис“, групацијата во чија сопсвеност е „Фени индустри“, поведе кривична постапка против Надица Атанасова-Кабранова, заедно со постапката за директорот Јусуф Миракхмедов. Постапката ја поведоа за злосторничко здружување, за вршење многубројни нелегални трансакции и активности меѓу ‘Фени индустри’ и ‘Нова логистик’, преку кое е вршено перењето пари, при што ‘Нова логистик’, иако била фирма ќерка на ‘Фени индустри’, на незаконски начин, според „Апостолски“, преминала во сопственост на Надица Атанасова-Кабранова.

За работењето на „Нова логистик“, фирма ќерка на „Фени“ која била приватизирана, предмет отвори и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал.

Синдикатот на „Фени“ ги оставил вработените без огревно дрво

Повеќето од вработените во „Фени“ ја искористиле поволноста што ја нудел Синдикатот за купување огревно дрво на рати. Договорот бил дрвата да ги добијат во септември. Тие го почитувале рокот и ги исплатите ратите, но дрвата не ги добиле и два месеца по истекот на рокот.

„Секојдневно бараме од претседателот на Синдикатот да ни ги донесе дрвата, платени се со наши пари, но дрва нема. Се сомневаме дека Синдикатот ги злоупотребил и овие пари што тешко сме ги одвојувале за да имаме греење во зима. Уште повеќе нè револтира фактот што некои колеги, блиски до раководството, ги добиле дрвата“, вели вработен во „Фени“.

Доцнењето на дрвата е само една од многуте забелешки за претседателот на синдикатот Ѓоре Палитов. Тој не се јавува на мобилниот телефон за да одговори на обвинувањата.

Вработените во „Фени“ велат дека и тие ретко го гледаат и го обвинуваат дека е продолжена рака на раководството кое притиска фабриката да ја добие бугарски „Енекод“ и покрај тоа што фирмата пријавила загуби на почетокот на оваа година.

„Палитов одлуките ги носи сам или евентуално со уште неколку луѓе што се на раководни позиции. Сака да нè убеди да штрајкуваме пред банките, кога ние баравме штрајк, беше глув и ги бркаше од работа луѓето што ќе се осмелеа да спомнат штрајк. Целосно изгубивме доверба во него и веќе се организираме да избереме ново синдикално раководство“, велат вработени во „Фени“.

За фабриката, по иницијатива на банките поради долг од 40 милиони кон нив и уште 20 милиони евра кон други доверители, отворена е претстечајна постапка. Рочиштето на кое ќе се одлучува дали ќе се отвори стечај е закажано за 13 ноември.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП