19 март, 2024
ПочетнаКОЛУМНИКОЛУМНА: Децата, родителите и спортот - М-р Раде Чоловиќ

КОЛУМНА: Децата, родителите и спортот – М-р Раде Чоловиќ

Јас, како и многу родители (ако не и сите), ги насочував децата од мали кон тоа да тренираат спорт, да учат некој странски јазик,  да свират некој музучки инструмент или слично.

Сметам дека тоа е исправно. Не само што им дава ширина и општи знаења на децата туку и придонесува за нивна социјализација, а и да бидам искрен и за мирни ноќи во семејството.

Фала богу, моите деца се сега тинејџери и веќе сами знаат што сакаат за нивна лична надградба. Едно од моите деца тренира ракомет и јас како субјективен родител сметам дека е многу добра во тоа.

Во разговор и со други луѓе, за тоа што и како тренираат нивните деца, приказната се сведува секаде на истото. Плаќаш за тренинзи, плаќаш за опрема, плаќаш за лекар и сала во лигата во која играат (кога играат дома), плаќаш за патувањата кога играат во друг град. Дури има случаи, ако се решиш да смениш клуб, да те условуваат твоето дете да игра во лига само ако купи опрема која клубот ти ја нуди. Па добро, имајте малце осет.

Јас знам дека ваквите школи се добри и претставуваат база за утрешни репрезентативци и врвни спортисти. Искрено мислам дека практицирањето било каков спорт или дополнителна воншколска активност го намалува криминалитетот меѓу младите и спречува користење на дроги, цигари и алкохол. Но пак ќе речам дека се е многу искомерцијализирано.

Искомерцијализирано е на тој начин што училиштата, основни и средни, за да остварат дополнителни приходи, ги изнајмуваат своите спортски сали на овие спортски школи, а спортските школи за да остварат профит наплаќаат членаририни и како што реков наоѓаат начин да остварат дополнителни приходи. Во сето ова квалитетот многу често останува во втор план.

Интересно е дека под превезот на спортски кампови се организираат и летувања на децата (тренирањето на овие кампови и спортската надградба често е во втор план).

Кога ќе размислам, само изминатава година сум потрошил повеќе од 500 ЕУР по дете за спортски и дополнителни активности.

За среќа, како семејство имаме и можеме да дадеме за децата да тренираат и да се надградуваат. Но што со оние кои немаат, оние кои што земаат плати по 9.000 денари, кои имаат повеќе деца или кои не се од главниот град или од градовите каде нема универзитети и кои имаат дополнителни трошоци за учење и студирање на своите деца.

Убеден сум дека од тие деца кои немаат можност да тренираат некој спорт има супер талентирани деца, можеби идни Кире Лазаров, Дарко Панчев или Лина Ѓорчевска. Да сме начисто, голем дел од бразилските фудбалери (а и други спортисти од други делови на светот) се од сиромашни семејства кои успеале во животот преку спортот.

Ги повикувам спортските федерации и надлежните институции во државата да ги субвенционираат или на било кој друг начин ги помогнат децата од семејствата со слаби примања или можеби да ги субвенционираат спортските школи кои имаат деца од вакви семејства.

Или втор начин да се помогне на вакви семејства е основните и средните училишта да формираат спортски клубови кои понатака под капите на спортските федерации би се натпреварувале во училишни лиги. Основните и средни училишта нека запослат, по потреба, и тренери (покрај професорите по спорт), и онака веќе ја имаат потребната инфраструктура. Факултетите исто така би имале клубови кои би играле во универзитетски лиги.

Знам дека и денес има училишни и универзитетски спортски лиги или игри но да повторам декаа треба спортските федерации да ги земаат истите под свое, односно под своја капа.

Иако го нагласувам спортот истово може и мора да важи и за музиката, уметноста, јазиците и друго.

М-р Раде Чоловиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП