26 април, 2024
ПочетнаНАЈНОВИ ВЕСТИApple ги претстави iPhone X, Apple Watch, Apple TV, како и iPhone...

Apple ги претстави iPhone X, Apple Watch, Apple TV, како и iPhone 8 и iPhone 8 Plus (фото+видео)

Apple го објави официјалното доаѓање на новиот член во семејството – iPhone X, за време на прес настан во Купертино, Калифорнија.

Од компанијата велат дека футуристичкиот дизајн е голем чекор нанапред од оригиналниот iPhone на кој навикнавме, па се надеваат дека ќе ги постави стандардите за напредок на технологијата во следната декада.

Новиот модел ќе чини 999 долари и ќе биде пуштен во продажба на 3-ти ноември. Предвремените нарачки ќе може да се прават од 27-ми октомври.

„Со iPhone 10, мобилниот ќе ви биде заклучен додека не го погледнете и тој не ве препознае. Ништо не било поедноставно, поприродно и со помалку напор. Го нарекуваме фацијално препознавање. Фацијалното препознавање е иднината за отклучување на мобилните и заштитување на нашите чувствителни информации,“ вели маркетинг специјалистот Фил Шилер.

Што друго може да очекуваме од футуристичкиот iPhone X?

Значително поинаков дизајн од претходниот модел iPhone 7, без централното home копче.

Екранот користи нов тип на технологија наречена OLED.

Батеријата трае 2 часа подолго од претходниот модел.

Ќе биде достапен во две бои сега засега – темно сива и сребрена.

Отпорен е на вода во исто ниво како и претходниот iPhone 7.

Има подобрена задна камера. Има 2 сензори од 12 мегапиксели и подобрен блиц.

Предната камера е апдејтирана со еден куп нова технологија, вклучувајќи го и фацијалното препознавање.

iPhone X моделот од 64GB ќе чини 999 долари, додека iPhone X моделот со 256GB меморија ќе чини 1.149 долари.

Apple Watch

Компанијата објави дека откако минатата година Apple Watch беше втор најпродаван часовник, оваа година се едно место погоре. Apple Watch сега е најпродаваниот часовник во светот.

Часовникот останува фитнес додаток, но овој пат малку е пофокусиран и на здравјето. Часовникот сега може да регистрира побрза работа на срцете и веднаш го известува корисникот. Чекор понатаму, часовникот ќе детектира и ќе помогне со анализа на аритмија. Истражувањето е во соработка со Стенфорд.

За сите на кои им се допаѓа Apple Watch добра вест е дека компанијата ја најави Series 3 верзијата на часовникот. Најголемата надградба на часовникот е можност за поврзување на мобилната мрежа. Како што беше објавено и претходно, бројот на часовникот е ист со оној на телефонот.

Неколку нови апликации доаѓаат на Apple Watch. Apple Music и Beats ќе ја донесат библиотеката на Apple директно на часовникот. Дополнително надградбата на Siri овозможува новa поедноставна функционалност.

Дисплејот е прилагоден и истовремено е и антена, а дополнително, компанијата изработи и интегрирана SIM картичка која е помала од сите останати. Ова овозможи иако има мобилна мрежа, новиот часовник да остане со иста димензија како и Series 2.

Нарачките започнуваат од септември 15, а доставата започнува септември 22. Цената на верзијата со поддршка за мобилна мрежа е 400 долари.

Apple TV

Една од презентациите кои и не се премногу интересни е токму онаа на Apple TV. Најголемата надградба е во резолуцијата, па Apple TV сега е 4К и HDR 10. Ова е овозможено од новиот A10X чип, кој компанијата за прв пат го користи во Apple TV.

Новитет е и пристигнувањето на спортски содржини на Apple TV, ама со оглед на тоа дека оваа содржина не е достапна во Македонија, најверојатно нема да ве импресионира.

Новитет се и видеоигрите на Apple TV кои може да се играат единствено со делечинскиот управувач.

iPhone 8 и iPhone 8 Plus

Најверојатно презентацијата која сите најмногу ја очекуваа. Секако, нема да ве изненадиме ако ви кажеме дека: „И овој iPhone е најдобриот досега“. Презентацијата започна со историјатот на iPhone и напредокот кој го поттикна телефонот.

Новиот iPhone 8 е изработен од стакло. Ова важи за предната и задната страна кои се заштитетни со алуминиумска рамка. Телефонот доаѓа со новиот процесор на Apple, 64-битен A11 Bionic. Процесорот доаѓа со 6 јадра, а за прв пат доаѓа и графичкиот процесор од Аpple.

Компанијата најави два уреди со 5.5-инчи и 4.7-инчен екран, iPhone 8 и iPhone 8 Plus. Во екранот повторно е скриен 3Д-тач.

Телефонот доаѓа со 12MP дуал камера, но можностите на новиот A11 Bionic чип помагаат за подобра фотографија. Телефонот може да креира длабочинска мапа на сликата која овозможува понатамошно уредување на сликата. Камерата овозможува и снимање на видео, а се чини и дека границите на професионлани апарати и камерите во флагшип телефоните полека исчезнуваат.

Проширена реалност е една од технологиите кои Apple ги најавуваше најгласно пред конференцијата. Презентацијата на проширената реалност на Apple е една од најдобрите. Компанијата претстави неколку апликации. Едната овозможува следење на спортистите на спортските натпревари со сликичка и статистика на екранот каде што се наоѓа играчот. Другата е своевидна мапа на небото на која корисниците на екранот може да им презентира податоци за небеските тела.

The Machines е првата игра која е наменета за играње исклучиво во проширената реалност. Во играта, играчите ќе може да ги користат тактичките предности на теренот во околината во која се движат за да го надмудрат противникот.

Новитет е бежичното полнење кое сега ќе биде достапно за iPhone. Компанијата за овој проект работи со повеќе производители.

Цената на iPhone 8 e 700 долари, a iPhone 8 Plus доаѓа за 800 долари. Цените важат за почетните модели со 64GB простор. Нарачките започнуваат на 15 септември, а испораката на 22 септември. Надградбата на iOS 11 започнува на 19 септември.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП