4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОпштина Центар ќе набави мобилна мерна станица за контрола на загадувањето на...

Општина Центар ќе набави мобилна мерна станица за контрола на загадувањето на воздухот

merna-680x365_c

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски оствари средба со претставници на здружението “Скопје смог аларм“.

На средбата стана збор за преземање конкретни мерки на краток и долг рок, кои би резултирале со намалување на загадувањето на воздухот.

Првата конкретна мерка која беше договорена е набавка на мобилна мерна станица од страна на општината. Со мобилната мерна станица ќе се овозможува прецизен увид во тоа кои фактори најмногу придонесуваат за загадувањето и на кои места во општината е највисока концентрацијата на ПМ честичките. Со овој уред ќе се изврши точна анализа и ќе се утврдат главните извори на загадување на секоја поединечна локација.

Во втората фаза ќе се користат статистиките добиени од мобилната мерна станица за да се конципираат и да се преземат мерки соодветни за секоја поединечна локација. Овие мерки ќе бидат дел од четиригодишната стратегија на општината за намалување на последиците од загадувањето и зачувување на животната средина.

“И покрај ограничените ингеренции на општината, сакаме активно да придонесеме во намалувањето на воздушното загадување. Средбата со претставниците на еко-здружението е дел од тој стремеж. Задоволство ми е што имав прилика да поразговарам и да се посоветувам со луѓе кои се добро запознаени со состојбите. Средбата беше конструктивна и веќе договоривме конкретните мерки кои ќе ги спроведеме. Воедно, апелирам до надлежните министерства и градските власти да се вклучат активно во борбата против загадувањето. Состојбата е алармантна, здравјето на граѓаните е ставено под ризик и мора да се делува веднаш“, вели Жерновски.

Општина Центар низ изминативе години спроведе бројни проекти чија цел беше зачувување на животната средина и промовирање на еколошката свест. Дел од тие проекти се садењето на 255 високо школувани нови дрвја, обновување на зеленилото со површина од 70.000 метри квадратни, поставување на нови енергетско-ефикасни фасади, спроведување на акцијата “Цел Центар на точак“ и други активности кои ќе продолжат и во иднина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП