26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРокот за барања за субвенции за продадено млеко истекува на 30 април

Рокот за барања за субвенции за продадено млеко истекува на 30 април

Mleko

На 30 април истекува рокот за поднесување барања за директни плаќања за произведено и продадено овчо, козјо и кравјо млеко во периодот од октомври до декември 2012 година.

Барањата се поднесуваат до подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство каде што е извршена регистрација на земјоделското стопанство. Како доказ за продадено млеко се доставуваат откупни белешки издадени од преработувачки капацитети запишани во регистарот на одобрени објекти за производство на храна од животинско потекло, потсетува денеска преку соопштение Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Висината на поддршката изнесува 3,5 денари по литар и дополнителни 15 проценти за млеко кое е произведено на одгледувалишта со надморска височина поголема од 700 метри.

Агенцијата ги потсетува земјоделците и за можноста да поднесат барање за помош за премии за осигурување и тоа за осигурано примарно земјоделско производство со следните максимални површини: за лозови и овошни насади до 10 хектари, за градинарски култури до 2 хектари, за тутун до 2 хектари, за житни култури до 20 хектари и за пчели до 100 пчелни семејства.

Висината на поддршката изнесува 60 проценти од трошокот на премијата за осигурување, а барањата се поднесуваат до 30 август во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство каде што е извршена регистрација на земјоделското стопанство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП