7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПад на каматите и раст на кредитите – дали деловните банки ќе...

Пад на каматите и раст на кредитите – дали деловните банки ќе ги следат сигналите на НБРМ?

kredit

Пад на каматите и раст на кредитите – ова се очекуваните ефекти од најновиот потег на Народната Банка (НБРМ), намалување на основната камата на 3.5%. Сепак, за релаксирање на политиките на деловните банки ќе биде потребно време.

НБРМ: стабилизирање на банкарскиот сектор

НБРМ одлучи да ја намали каматната стапка на благајничките записи за дополнителни 0.25 процентни поени до 3.5%. Ова е второ разлабавување на монетарната политика за помалку од еден месец.

„Ваквата реакција е одраз на понатамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти и на растот на структурната ликвидност на банкарскиот сектор. Сигналите за стабилизација и понатаму се видливи во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти – девизниот пазар и депозитите во банкарскиот систем“ се наведува меѓу другото во образложението од НБРМ.

Народната Банка констатира месечен раст на депозитите од 4% во декември што претставува значително забрзување во однос на претходниот период. Речиси 90% од новите штедни влогови биле во денари.

„И во следниот период внимателно ќе ги следиме движењата, а идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од понатамошното стабилизирање на домашниот политички амбиент“ велат во НБРМ.

Граѓаните и фирмите на банките им должат 4.4 милијарди евра

И покрај позатегнатата монетарна политика и минатата година бил остварен солиден кредитен раст. Според податоците на НБРМ заклучно со ноември граѓаните на банките им должеле 2.1 милијарди евра, а фирмите 2.3 милијарди или вкупно 4.4 милијарди евра.

Вкупните кредити во ноември 2016-та во однос на ноември 2015-та биле зголемени за 1.3%.

Лани најатрактивни биле потрошувачките и станбените кредити. Кај нив годишниот раст бил 14.2%. Намалување е забележано единствено кај автомобилските кредити.

„Годишниот раст на вкупните кредити, во најголем дел произлегува од растот на денарските кредити и денарските кредити со валутна клаузула, додека придонесот на девизните кредити се намали“, стои во извештајот на НБРМ.

Деловните банки најавуваат помали камати, но подоцна

Сепак, сигналите од монетарната власт да се пренесат на банкарскиот сектор ќе биде потребно време – треба да се направат анализи и пресметки пред да се понудат нови производи. И при првото разлабавување на политиките, во декември, деловните банки тврдеа дека прво ќе паѓаат стапките на штедните влогови, па дури потоа на кредитите. Сепак, уверуваат дека и досега каматите биле пониски за редовните клиенти со одржливи проекти.

„Конкуренцијата меѓу банките е доста висока. Реално, секогаш кога банките ќе наидат на добри проекти цената се одредува пазарно така што одиме со доста поволни цени на кредитите. Но, ова ќе претставува уште еден позитивен сигнал да можеме да одиме со дополнително намалување на нашите кредитни пласмани“ изјави неодамна Стевче Кузмановски, директор на бизнис сектор во ПроКредит банка.

Сепак, за да има раздвижување на понудата и побарувачката на кредити потребно е окончување на политичката криза. Банкарите велат дека доколку се биде во ред на политички план тоа ќе има позитивни ефекти и на економски. Голем дел од компаниите досега ги чувале проектите во фиока и чекаа стабилизирање на државата.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП