8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМаксимален раст на минималната плата – дали се реални предизборните ветувања?

Максимален раст на минималната плата – дали се реални предизборните ветувања?

pari

Зголемување на минималната и раст на просечната плата во следните четири години. Ова го предвидуваат предизборните програми и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Колку е реално и остварливо?

ВМРО-ДПМНЕ: минималец од 14.000 денари до 2020-та

vmro

Предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ предвидува етапно зголемување на минималната плата во следните четири години – 12.000 во 2017-та, 12.500 во 2018-та, 13.200 во 2019-та и 14.000 во 2020-та.

Во дејностите производство на текстил, на облека и на кожа е предвидена друга динамика – 10.500 во 2017-та, 11.500 во 2018-та, 12.500 во 2019-та и 13.500 во 2020-та.

„Имајќи ги предвид позитивните резултати од воведувањето на минималната плата, истата ќе се зголемува и во следниот период“ стои во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ: минималец од 16.000 денари до 2020-та

sdsm

Социјалдемократскиот сојуз предвидува подрастично зголемување на минималната палта во својата предизборна програма – 12.000 во 2017-та и 16.000 во 2020-та.

Ова би требало да важи за сите сектори, вклучително и производство на текстил, на облека и на кожа.

„Нема да има отпуштања од работа бидејќи државата ќе им помогне на стопанствениците. Нашата цел е да обезбедиме минимална плата од 16.000 денари до 2020 година. Тоа ќе значи дека семејство со двајца работници, ќе може безгрижно да ги покрие неопходните трошоци за живот“ стои во предизборната програма на СДСМ.

Експерти: потребни се сериозни анализи

Економистите велат дека е неспорно дека минималната плата е навистина минимална и дека мора да расте, но и дека се потребни сериозни и сеопфатни анализи пред да се преземе тој чекор.

„Разни сектори во индустријата како и стопанството во целина, не се еднакво профитабилни и затоа просечната минимална плата различно влијае на секој стопански субјект. Одредени анализи би покажале дека токму поради нееднаквоста во стопанството можеби е поприфатлива варијантата за минимална плата на ниво на одделни сектори, што секако би било потешко да се утврди како таква. Сепак, мое мислење е дека минималната плата е многу ниска и треба да се зголеми“ смета универзитетската професорка Марија Зарезанкова – Потевска.

„Различни фирми имаат различна финансиска состојба, капацитет, ликвидност и солвентност. Тоа значи дека некои фирми би можеле да го издржат тој товар, но повеќето од нив тешко би поднеле нови трошоци бидејќи моментално повеќето компании кај нас немаат таква моќ. Зголемување на минималната плата е сериозна работа, затоа што таа може да има огромни импликации врз стапката на невработеност во правец на нејзино зголемување“ објаснува универзитетскиот професор Томе Неновски.

Минималецот беше воведен пред пет години

Минималната плата во Македонија за прв пат беше законски воведена пред пет години. Од октомври 2011-та загарантираниот месечен личен доход беше утврден на 8.050 денари во нето износ односно 12.265 денари во бруто.

За текстилната и кожарската индустрија имаше дополнителен период на прилагодување.

Законски минималецот се коригира секоја година – во 2013 изнесуваше 8.050 денари, во 2014 година 8.800 денари, во 2015 9.590 денари, а во 2016 година 10.080 денари.

Евростат: најголем минималец во Луксембург, најмал во Албанија

Според податоците на Евростат за 2015-та најмала минимална плата од сите земји – членки и кандидатки имале Албанија (157 евра), Бугарија (184 евра), Македонија (213 евра), Романија (217 евра) и Србија (235 евра).

Од друга страна највисоки загарантирани примања имале работниците во Луксембург (1.923 евра), Белгија и Холандија (1.501 евра), Ирска (1.462 евра).

Истата, 2015-та година, минималната плата на ниво на Соединетите американски држави била 1.035 евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП