8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА200.000 без работа, 7.000 слободни места – каде е проблемот?

200.000 без работа, 7.000 слободни места – каде е проблемот?

nevraboteni

Стапка на невработеност од 24% односно околу 200.000 луѓе без работа, а истовремено 7.102 слободни работни места огласени преку Агенцијата за вработување (АВРМ). Се бара речиси секоја струка – од чистачи и водоинсталатери до програмери и брокери. Македонскиот пазар на труд има сериозни дисбаланси.

Најмногу слободни места во Скопје, најбарани општи работници

Анализите на АВРМ покажуваат дека најмногу слободни места има во Скопје, 4.265. Во Охрид има 351, во Виница 313, во Штип 302, во Тетово 260… Најмалку слободни места има во Крушево и Пробиштип, 2 односно 3. Во Свети Николе нема ниту еден активен оглас за вработување.

По дејности најмногу работници се бараат во преработувачката индустрија, 1.726; потоа во трговијата, 1.545; административни и помошни дејности, 963.

Најбарани занимања се обезбедувачи, потребни се 994; потоа продавачи, 545; шивачи, 305; општи работници 302.

Во Анализата на пазарот на труд за периодот 2015 – 2016 е наведено дека се очекува 45% од вработувањата да бидат реализирани во преработувачка индустрија, 20.4% во трговијата, 9.6% во градежништвото, 5.2% во транспорт и складирање, 4.1% во финансиските и дејностите на осигурување, 3% во објекти за сместување и сервисни дејности за храна.

Набљудувано по регион, во Скопскиот се предвидува да се реализираат 44.1% од вкупниот број на очекувани вработувања, во Источен 18%, во Пелагониски 11%, во Вардарскиот 8.7%, во Југоисточниот 8.4%, во Североисточен 7.3%, во Југозападниот 1.3% и во Полошки 1.2%.

Според степенот на потребно образование 10.8% од очекуваните вработувања треба да бидат за луѓе со завршено високо образование, 7.9% со вишо, 63.5% со средно и 17.8% со основно образование.

199.146 на списоците на агенцијата

На списоците на Агенцијата за вработување се заведени вкупно 199.146 луѓе, од нив како „невработени“ се водат 103.646, а како „други лица кои бараат работа“ 95.500.

Во категоријата „невработени“ 59% се мажи, а 41% жени.

Во категоријата „други лица кои бараат работа“ 53% се мажи, а 47% жени.

И во двете категории најмногу луѓе има во Скопје, 16.377. Следат Тетово 13.483, Куманово 9.781, Прилеп 7.782…

43.372 од невработените се без или само со основно образование, 14.046 со незавршено средно, 30.865 со завршено средно, 1.742 со вишо, 12.693 со високо, 902 се магистри, а 26 доктори на науки.

Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) кој користи друга методологија покажуваат дека во Македонија има вкупно 227.702 невработени и 720.674 вработени односно стапка на невработеност од 24%.

Практична настава и менторска работа – барање на бизнисмените

Бизнисмените постојано апелираат дека тешко доаѓаат до соодветно обучени работници и покрај стапката на невработеност од 24%.

„Колку имаме подобар кадар, толку повеќе ќе бидеме интересни за инвестиции. Стопанството, мора постојано да инвестира во своите вработени, а Македонија нема друг избор и мора да имаме добри кадри… Во последниве години се посветува поголемо внимание на човечките ресурси, односно на квалитетот на кадарот и негово задржување, но потребни се промени во неколку насоки, во регулативата, во стопанството и во едукацијата на младите “ изјави неодамна Дарко Велков од Сојузот на стопански комори (ССК).

Во ССК излегоа и со предлог – мерки во оваа насока. Бараат законски измени за практиканска работа преку кои би се регрутирале работници уште во средните училишта.

„Веруваме дека со подобрување на менторската програма ќе се зголемува квалитетот и бројот на ученици на кои ќе им биде понудена работа. Но, постојат струки со реално високи трошоци за пракса и затоа е потребно допрецизирање на членот 14 од Законот за стручно образование и да се направи одредена мотивација на компаниите за земање повеќе ученици од средното стручно образование“, изјави Велков.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП