26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: регионални разлики - скопјани најбогати, штипјани и кочанчани најсиромашни

Анализа: регионални разлики – скопјани најбогати, штипјани и кочанчани најсиромашни

pare

На исток сиромашно, на југ малку побогато, а најмногу шанси за добра заработка има во метрополата.

Скопје е половина Македонија. Оваа популарна изрека буквално ја потврдуваат и податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Според најновата публикација „Регионите во Република Македонија“ главниот град има најмногу жители, најмногу компании, најмногу вработени кои имаат и највисоки плати и најголема продуктивност.

Највисоки плати за работниците во Скопскиот, најниски во Источниот регион

Највисоки плати добиваат работниците од Скопскиот регион, просечните месечни примања во 2015-та изнесувале 26.861 денари. Сите останати се под државниот просек кој бил 21.906 денари.

Најниски примања има Источниот регион, платите се по 16.278 денари. Нешто подобро стојат Североисточниот и Југоисточниот, со примања од по 16.848 односно 16.946 денари. Во Вардарскиот регион просечната нето плата изнесува 17.402 денари, во Југозападниот 19.670, а во Пелагонискиот и Полошкиот 20.222 односно 20.620 денари.

Висината на платите е рефлексија и на продуктивноста на работниците. Најголем Бруто домашен производ (БДП) по глава на жител има токму Скопскиот регион. Според најновите податоци, од 2013-та, изнесува 5.673 евра. Следуваат Вардарскиот регион со БДП по жител од 4.371 евра, Југоисточниот со 4.333, Пелагонискиот со 3.955, Источниот со 3.689, Југозападниот со 2.906 и Полошкиот со само 1.929 евра по глава на жител.

Според ДЗС учеството во БДП по региони е: Скопски 3.475.040.650 евра (42.6%), Пелагониски 919.186.991 евра (11.3%), Југоисточен 751.398.373 евра (9.2%), Вардарски 670.894.308 евра (8.2%), Источен 657.707.317 евра (8.1%), Југозападен 640.292.682 евра (7.8%), Полошки 613.577.235 евра (7.5%), Североисточен 432.731.707 евра (5.3%). Вкупниот БДП на Македонија изнесувал 8.160.829.263 евра (100%).

Најголем дел од македонскиот извоз (54.4%) е резултат на активноста на фирмите во Скопје, а најмал (само 0.9%) излегува од Североисточниот регион.

Најмногу невработени во Североисточниот и Југозападниот регион

Најголем проблем со невработеноста има во Североисточниот регион. Таму во 2015-та стапката изнесувала 43.2%. Следуваат Југозападниот регион со 33.9%, Полошкиот со 29.6%, Скопскиот со 25.7%, Вардарскиот со 24.5%. Под државниот просек кој изнесувал 26.1% се единствено Источниот регион со стапка на невработеност од 17.5% и Југоисточниот со 16.7%.

Скопскиот регион предничи и по бројот на активни компании – на крајот од минатата година имало 26.197. Следуваат Пелагонискиот со 8.071, Полошкиот со 7.554, Југозападниот со 7.127, Југоисточниот со 5.889, Источниот со 5.692, Вардарскиот со 5.470 и Североисточниот со 4.139. На ниво на целата земја има 70.139 деловни субјекти.

Експерти: државата мора повеќе да поработи на рамномерен развој

Процесот на миграција од селата во градовите, а особено во метрополата кој трае со децении остави белези низ сите македонски региони, велат економските аналитичари кои објаснуваат дека главниот проблем е тоа што во Скопје се сместени и државната администрација и седиштата на најзначајните компании и банки, но и голем дел од производствените капацитети.

„Државата мора да продолжи да работи на подобрување на инфраструктурата, но и на директни стимулации за инвестирање во посиромашните подрачја. На тој начин ќе се постигнат повеќе ефекти – рамномерен регионален развој и ќе се спречи миграцијата на населението кон урбаните центри пред се кон Скопје каде повеќето претендираат да најдат работно место“, објаснува универзитетскиот професор Зоран Ивановски.

Македонија има стратегија која засега нема резултати

Македонија има стратегија односно програма и посебен орган кој ја спроведува – Бирото за рамномерен регионален развој кое финансира проекти во посиромашните општини. Според официјалната интернет страница, целите на институцијата се рамномерен и одржлив развој на целата територија на Македонија, намалување на разликите меѓу планските региони и подигнување на квалитетот на животот на сите граѓани. Колку е успешно нивното достигнување покажуваат статистичките податоци.

Владата секоја година одвојува средства за оваа намена. На последниот повик беа понудени само три милиони евра со кој треба да се финансираат 26 проекти во осумте плански региони во државата за подобрување на условите за живот – изградба на локални патчиња, осветлување и уредување на руралните области, фекална канализација, водоводи, реконструкција на објекти, како и за изработка на техничка документација за поголеми инфраструктурни проекти.

„Владата е силно посветена на рамномерниот регионален развој и од година во година средствата кои се инвестираат во Програмата континуирано се зголемуваат. Така годинашните средства во висина од 4 милиони и 250 илјади евра се речиси двојно повисоки од средствата наменети за 2015 година, кои изнесуваа 2 милиони и 160 илјади евра, а се четири пати повисоки од средствата издвоени за оваа програма во 2014 година кои изнесуваа околу милион евра“ изјави неодамна вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Државата веќе изготви законски измени кои се влезени во собраниска процедура, а кои според надлежните ќе обезбедат подобро функционирање на центрите за поддршка на планските региони и самоодржливост.

Лани на овој начин беа финансирани 107 проекти со вкупна вредност од 2.2 милиони евра.

Големи регионални разлики и во Европската Унија

Големите регионални разлики не се проблем само во Македонија. Слична е состојбата и во голем дел од членките на Европската Унија. Најдрастични разлики има Обединетото Кралство каде најразвиениот регион е 9.7 пати побогат од најсиромашниот. Но, забележливо е дека големите регионални разлики во БДП на жител се карактеристични за поголемите земји, како Велика Британија, Германија и Франција.

Регионалните разлики во нивото на БДП на жител се далеку пониски во земјите од ЕУ со слична големина како Македонија. На пример, во Словенија тој сооднос изнесува 2,1, во Летонија и во Естонија 2,2, а во Литванија 2,5. Оттука се наметнува констатацијата дека Македонија се карактеризира со исклучително нерамномерен економски развој меѓу главниот град и другите населени места во земјата, несвојствен за мала земја по територија и по население.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП