8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДиректен лет од Скопје до Торонто и формирање национален превозник – реалност...

Директен лет од Скопје до Торонто и формирање национален превозник – реалност или илузија

areo

Постојано воведување на нови европски дестинации и континуиран раст на бројот на патници, но тапкање во место во однос на директно поврзување со Северна Америка и формирање на национален превозник. Ова се основните карактеристики на македонскиот авио транспорт последниве две – три години. Дали ќе има промени?

Мали чекори кон директна линија од Скопје до Њујорк или до Торонто

Инфраструктура и правна рамка има, но докази за економска исплатливост нема. Директна конекција од македонската метропола до некој од американските центри беше најавувана уште веднаш по отворањето на новиот аеродром „Александар Велики“ во 2011-та, но оттогаш речиси ништо не е направено во оваа насока.

„Во однос на директни летови од Македонија кон Северна Америка, темата е долго дебатирана и дискутирана. Се уште нема релевантни докази за одржливоста на таква линија. Канада би била поверојатна дестинација од Соединетите Држави бидејќи таму има поголема концентрација на Македонци. Сепак, се уште нема доволно аргументи за почнување постапка“, објаснува директорот на Агенцијата за цивилна воздушна пловидба (АЦВП), Горан Јандреоски.

Македонија и Соединетите Држави уште пред три и пол години потпишаа спогодба за воздушен сообраќај. Тогаш беше објаснето дека таа ќе отвори можност и за воведување директни линии. Оттогаш многу малку е направено во таа насока.

„Неодамна имавме контакти со FDA, американската институција одговорна за надзор на воздухопловството, со нивната канцеларија задолжена за Балканот која се наоѓа во Москва. Сакаат да помогнат во подготовките, доколку се јави интерес ние да бидеме подготвени да можеме да направиме инспекција на авиокомпанија која евентуално би оперирала. Тоа е сепак некаков поттик бидејќи преговараме за таква соработка“, вели Јандреоски.

Србија веќе го направи сето ова. AirSerbia ќе лета директно од Белград до Њујорк. Почнувајќи од 23 јуни српскиот национален авиопревозник ќе оперира на оваа линија пет пати неделно. Билетите во пред продажба се 399 евра, а редовните цени ќе бидат меѓу 500 и 600 евра, во зависност од интересот.

Македонските воздухопловни власти се скептични дека оваа конекција и тоа со пет лета во неделата може да биде рентабилна.

„Србија лани го мина процесот на акредитација, AirSerbia веќе го направи тоа. Врз основа на направените анализи беше дозволен летот. Сепак, останува да видиме дали тој ќе биде одржлив“, изјави Јандреоски.

Нови директни линии од Скопје до Берлин, Братислава и Копенхаген

Далечните дестинации засега остануваат недостижни, но Скопје ја шири мрежата на директни врски со европските метрополи. Од овој месец се воведуваат летови и до Берлин, Братислава и Копенхаген.

Со ова листата на евтини директни линии од македонската метропола до европските центри од 20 се зголемува на 23.

Откако пред речиси четири години WizzAir влезе во Македонија продаде два милиони билети, а само од почетокот на годинава превезе околу 100.000 патници.

„Евтините авиолетови кои што ги воведе и финансиски ги поддржува Владата се од големо значење и за домашната економија и за македонските граѓани. Од една страна преку нив голем број на странски туристи доаѓаат во Република Македонија и на тој начин обезбедуваат девизен прилив пред се во домашната економија, но пред се областа на туризмот но и во околу 20-на други стопански гранки кои што се во директна или индиректна корелација со туризмот. Од друга страна за нас како Влада многу битно обезбедуваат поголеми можности и поголема мобилност за македонските граѓани да патуваат низ Европа по поевтини цени и на тој начин да ги реализираат своите потреби, вели Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата на Република Македонија.

Субвенциите ќе продолжат зашто даваат резултати, велат и од Агенцијата за цивилна воздушна пловидба (АЦВП).

„Воведувањето на субвенции за одредени авиокомпании преку транспарентна и континуирана постапка овозможи да ги имаме сите овие дестинации. Со новиот ред на летање имаме и нови дестинации. Сето тоа не влијае само на туризмот и зголемувањето на бројот на посетители туку и на бизнис индустријата. Едно од прашањата е колку брзо матичните компании ќе можат да комуницираат со своите претставништва овде. Растот на авиобизнисот помага и за поттикнување на туризмот и за привлекување на инвеститори“, објаснува директорот на АЦВП, Горан Јандреоски.

Деталите за формирање национален авиопревозник деловна тајна

И додека продолжуваат субвенциите за нискотарифните летови постапката за формирање на национален авиопревозниксе уште тапка во место. Пред точно една година беше избрана холандската Inter VISTAS Consulting B.V која изработи физибилити студија за можноста за воспоставување редовен авиопревозник. Резултатите се готови, но остануваат тајна.

„Податоците од извештајот се од доверлив карактер. Можам да кажам само дека онаа компанија што ќе пројави интерес може да ги добие, но со потпишување на писмо за доверливост. Ние не сме застанале со процесот, но бараме соодветен партнер“, вели директорот на АЦВП, Горан Јандреоски.

Консултантот освен да изработи физибилити студија беше обврзан и да анимира реномирани странски авиокомпании во пронаоѓање интерес да станат македонски национален авиопревозник, но и да ја советува македонската Влада во текот на целата постапка. Од АЦВП не откриваат повеќе детали за овој процес.

20% раст на бројот на патници на „Александар Велики“, 54% на „Свети Апостол Павле“

Двата македонски аеродроми остварија солидни резултати минатата година. Скопскиот имаше раст на бројот на патници од 20.2% со што ја достигна бројката од 1.452.465, а охридскиот оствари зголемување од 54.2% односно вкупно 107.916 патници.

Според блогот EXYU Aviation news во 2015-та скопскиот „Александар Велики“ успеал да го претекне љубљанскиот „Јоже Пучник“, но се уште заостанува зад приштинскиот „Адем Јашари“.

„Александар Велики“ повторно најдобар во Европа во категоријата до два милиона патници

Аеродромот „Александар Велики“ по трет пат беше прогласен за најдобар во Европа во категоријата до два милиона патници, избор што го прави организацијата Airports Council International (ACI) преку анектирање на самите патници.

Анкетите покриваат 34 клучни области на услуги и вклучуваат 8 главни категории, како што се пристапот, чекирањето, безбедноста, аеродромските објекти, храната и пијалаците, малопродажбата и друго. Сите аеродроми кои учествуваат ги користат истите анкетни прашања, создавајќи стандард од прашања и одговори во индустријата, кои им овозможуваат на учесниците (аеродромите) да ги следат и анализираат сопствените перформанси, како и да ги споредуваат резултатите со сите аеродроми на светско ниво.

„Наградата е потврда на нашата посветеност на патниците и авиокомпаниите, како и на зголемениот број нови линии и подобрените услуги, за кои сме благодарни за напорите кои ги направија нашите партнерски компании“, објаснувагенералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП