4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ и Британија во обид да постигнат договор за „Брексит“

ЕУ и Британија во обид да постигнат договор за „Брексит“

brexit 3350

Европските челници ќе одржат дводневен самит на кој ќе се обидат да постигнат договор помеѓу Европската унија (ЕУ) и Велика Британија околу барањата на британската влада со што би се избегнал т.н. „Брексит“, односно излегувањето на Обединетото Кралство од Унијата, пишуваат светските агенции.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск во пресрет на состанокот, кој започнува во четврток, изјавил дека „нема никакви гаранции“ дека ќе дојде до договор, и покрај растечкиот оптимизмот дека договорот е на повидок.

„По консултациите морам искрено да кажам дека се уште нема гаранции дека ќе се постигне договор. Во однос на некои прашања се разидуваме и свесен сум дека ќе биде тешко да се премостат разликите. И покрај ова ве повикувам да останете конструктивни“, им напишал Туск на челниците на Унијата, кои ќе се обидат да постигнат договор со Лондон.

Велика Британија постави четири барања за останувањето во Унијата, односно да не се дискриминираат земјите кои не се членки на еврозоната, да се стави акцент на конкурентноста, да се обнови суверенитетот на земјите (како на пример воведувањето на правото националните парламенти да имаат вето) и да се ограничи социјалната помош за мигрантите од другите земји членки на Унијата, особено од источна и централна Европа.

Британскиот премиер Дејвид Камерон би сакал да воведе четиригодишен мораториум пред секоја исплата на социјалната помош на мигрантите од ЕУ кои доаѓаат да работат во Велика Британија, но ова барања се оценува како дискриминирачко, бидејќи се коси со слободата на движењето на луѓето и стоката, едно од основните начела на Унијата.

Лондон се надева дека конечен договор би можел да биде постигнат на претстојниот самит, со што би се овозможило веќе во јуни да се одржи референдумот. Се поголеми се стравувањата дека Британците би можеле да се изгласаат излегување на земјата од Унијата, дестабилизирајќи ја Унијата политички и економски, а во најлош слушај тоа би можело да значи и почеток на распаѓањето на оваа заедница, коментира Reuters.

Туск во своето писмо исто така напишал дека самитот „ќе биде клучен момент за единството на Унијата“, предупредувајќи дека „евентуалното излегување на Британија не би значело само пораз за неа и за ЕУ, туку тоа би било и голема геополитичка победа за оние кои се обидуваат да ја поделат ЕУ“.

Дека можното излегување на Британија од 28-члената Унија би било „трагична загуба за Обединетото Кралство, но и за сите Европејци“, се согласува и италијанскиот премиер Матео Ренци, додека, пак, германската канцеларка Ангела Меркел изјавила дека „во национален интерес“ на Германија е да се избегне „Брексит“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП