Замислете дека сте тргнале да купите нова гарнитура за дневната соба. По неколку часа разгледување, конечно сте ја избрале вистинската. Цената е 75.000 денари, парите ги имате во готово и сте подготвени веднаш да платите. Но, на касата ве чека изненадување. Продавачот ви објаснува дека не смее да ви ги земе парите. Мора да платите со картичка или преку банка. Иако имате доволно пари, купувањето не може да заврши онака како што сте планирале.
Ова не е некакво ново правило на продавниците, туку законско ограничување што во Македонија важи од 1 јануари 2025 година. Со него се забранува готовинско плаќање за стоки и услуги чија вредност изнесува 1.000 евра или повеќе во денарска противвредност.
Многу граѓани сè уште не знаат за оваа забрана, па непријатното изненадување може да ги дочека токму кога ќе решат да направат поголем трошок. Без разлика дали станува збор за мебел, бела техника, скап часовник или опрема за реновирање на домот, правилото е исто.
Според Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, трговците не смеат да примаат готовина за набавки што го достигнуваат пропишаниот праг. Притоа, не помага ниту делењето на сметката на неколку помали плаќања, доколку станува збор за поврзани трансакции.
На пример, ако граѓанин купува кујнски елементи во вредност од 90.000 денари, не може да го заобиколи ограничувањето така што половина од парите ќе ги плати во понеделник, а остатокот во вторник. Доколку плаќањата се однесуваат на иста набавка, забраната и понатаму важи.
Економистите посочуваат дека ваквите ограничувања се дел од мерките за намалување на сивата економија и спречување на перењето пари. Кога плаќањето се врши преку банкарскиот систем, останува евиденција за трансакцијата, што овозможува полесна контрола на движењето на средствата.
Сепак, ваквата мерка не значи дека граѓаните не смеат да чуваат поголеми суми готовина дома или да располагаат со сопствените заштеди. Разликата е во начинот на кој тие пари се користат при купување стоки и услуги.
Ограничувањето не е новина за македонскиот пазар. Во 2019 година постоеше праг од 500 евра, кој подоцна беше зголемен на 3.000 евра. Од почетокот на 2024 година границата беше намалена на 2.000 евра, а од јануари 2025 година на 1.000 евра.
Познавачите на финансиските текови објаснуваат дека целта на ваквите мерки е поголем дел од прометот да поминува низ регистрирани платежни канали. Со тоа се намалува просторот за непријавени трансакции и се олеснува контролата врз потеклото и движењето на парите.
Од друга страна, за граѓаните што со години се навикнати поголемите набавки да ги плаќаат со кеш, ова значи дополнителна обврска. Особено за постарите лица, кои поретко користат платежни картички или електронско банкарство.
За трговците, пак, правилата се строги. Непочитувањето на законската забрана може да донесе високи парични казни, а глобите за правните лица, зависно од нивната големина и предвидената прекршочна санкција, можат да достигнат до 40.000 евра во денарска противвредност.
Затоа, кога продавачот ќе одбие да ви наплати поскап производ во готовина, тоа не значи дека не сака да ви го продаде. Напротив, ризикува казна доколку ги прифати парите спротивно на законот.
Па така, ако планирате да купите нова спална соба, поголем телевизор или да го опремите станот со неколку поскапи апарати, претходно проверете како можете да платите. Во спротивно, може да се случи да имате цел куп банкноти во паричникот, а на касата да ви кажат дека со нив не можете да ја платите сметката.
Б.З.М.