СВЕТ

Враќањето на рускиот гас во ЕУ ќе зависи од волјата на Украина

САД повторно ги активираат напорите за постигнување енергетско примирје во текот на зимата, а дел од планот е обновување на транзитот на рускиот природен гас кон ЕУ преку Украина, се наведува во напис на „The Wall Street Journal“.

Идејата била разгледувана во септември, за време на посетите на американските преговарачи за мир, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, на Москва и Киев.

Предлогот накратко бил ставен настрана кога Украина во период од две недели ги запрела нападите врз руските рафинерии, по што САД почнале да работат на постигнување поширок опсег на примирје меѓу Русија и Украина. Москва, сепак, не ги запрела нападите врз украинските енергетски објекти, па Украина повторно ги продолжила ударите. За само три дена биле погодени три големи руски рафинерии.

Поради тоа, Вашингтон повторно се враќа на идејата за енергетско примирје, иако Москва досега одбива да ги прифати предлозите. Темата веројатно ќе биде меѓу главните на претстојната средба на техничко ниво во Абу Даби, на која ќе учествуваат претставници на САД, Украина и Русија.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „Fox News“ изјави дека Украина не може да не возвраќа на нападите врз нејзините енергетски објекти, но дека е подготвена еднострано да прифати да не ги напаѓа руските рафинерии онолку денови колку што ќе добие ракети за системите „Patriot“.

Овие системи се главната одбрана на Украина од балистичките ракети што ги истрелува Русија. Во втората половина на октомври биле лансирани повеќе од 100 такви ракети.

Претходно и францускиот весник „Le Monde“ објави дека на почетокот на октомври американските преговарачи за мир во Украина, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, ѝ ја претставиле на украинската делегација идејата за обновување на испораките на руски гас преку Украина.

Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Кирило Буданов, кој ја предводел украинската делегација, го отфрлил предлогот со образложение дека Украина својата иднина ја гледа повеќе како Полска, а не како Белорусија, алудирајќи на целосната зависност на Минск од Москва.

„The Wall Street Journal“ објавува и дополнителни детали за планот, но наведува дека засега нема напредок. Според предлогот, Русија, преку американски посредник, би требало да започне со испорака на гас во ЕУ уште пред почетокот на зимата. Тоа би ја намалило цената на гасот, која при обновувањето на тргувањето оваа недела го надминала нивото од 101 евро за мегават-час на холандската платформа „TTF“.

Парите од продажбата би се уплаќале на посебна сметка во трета земја, со цел да се гарантира дека нема да бидат користени за финансирање на војната. Истовремено, Украина би добивала средства од транзитот на рускиот гас, што би ѝ помогнало на економијата.

Ниту Европа не е воодушевена од предлогот. Од Европската комисија официјално коментирале дека рускиот гас ќе биде забранет во Унијата по 2027-ма година, без оглед на развојот на војната во Украина.

Според извори на „The Wall Street Journal“, неофицијалните реакции биле уште поостри, а предлогот бил спореден со „жртвувањето“ на Чехословачка на почетокот на Втората светска војна. Сепак, постои можност европските лидери да бидат поподготвени да ја преиспитаат одлуката за откажување од рускиот гас доколку Киев го прифати предлогот за транзит како дел од енергетското примирје во текот на оваа зима.

Според „The Wall Street Journal“, прекинот на нападите врз енергетските објекти во Украина би значел избегнување хуманитарна катастрофа во големите градови. Руските дронови и ракети не ги напаѓаат само објектите за снабдување со електрична енергија и топлинска енергија, туку и водоводната и канализациската инфраструктура.

Ова би можело да биде дополнителен мотив Украина повторно да го прифати транзитот на рускиот гас, особено поради недостигот од ракети за системите „Patriot“, што ги прави објектите на критичната инфраструктура уште поранливи.

Украина со години беше главниот транзитен коридор за рускиот гас кон Европа, но договорот меѓу двете земји не беше обновен на почетокот на 2025-та година. Тогаш украинските власти беа категорични дека транзитот продолжил и по почетокот на целосната руска инвазија единствено поради договорите со партнерските земји во Европа.

По прекинот на транзитот, Русија започна да ја напаѓа и гасната инфраструктура, па сè уште не е јасно во колкав обем би можеле да бидат обновени испораките за Европа.

Во моментов Украина извезува ограничени количества природен гас, бидејќи има вишок резерви по прекинот на работата на металуршките комбинати и други индустриски капацитети, по масовните руски напади од летото досега.

Истовремено, резервите ја надминуваат и целта од 14,6 милијарди кубни метри, што ја поставила владата, за повеќе од 1,4 милијарди кубни метри.

Поради тоа, во последните недели властите им дозволиле на енергетските компании месечно да извезуваат до 15 проценти од своето производство на гас. Според податоците на украинскиот енергетски гигант „ДТЕК“, досега во Европа биле испорачани околу 55 милиони кубни метри гас, по цена од 90 евра за мегават-час.

На домашниот пазар во Украина цената на гасот изнесува 37 евра за мегават-час.

Аналитичарите коментираат дека тргувањето со гас во Европа е под притисок на геополитичките тензии и прогнозите за послабо од очекуваното производство на ветерните електроцентрали во Западна Европа. Во Украина, пак, има вишок понуда и слаба побарувачка на природен гас.