СВЕТ

САД ќе им забранат на домашните компании да градат центри за податоци во странство

Американските компании ќе добијат забрана да градат центри за податоци во странство, изјави претседателот Доналд Трамп за време на брифингот во Белата куќа, пренесува „CNBC“. Тој посочи дека компаниите што нема да ја почитуваат оваа забрана ќе бидат казнети со високи даноци.

„Дури не сум им го ни кажал ова на моите луѓе“, додаде Трамп.

„CNBC“ оценува дека изјавата на Трамп веројатно е изненадување и за членовите на неговиот тим, но дека е во согласност со расположението во американската јавност. Според аналитичарите, центрите за податоци се еден од факторите што придонеле републиканците да ги загубат изборите за Конгресот.

Анкета нарачана од „CNBC“ покажала дека 64 отсто од Американците не ја поддржуваат изградбата на центар за податоци и вештачка интелигенција на оддалеченост од 10 милји, односно околу 16 километри од нивниот дом.

Трамп, сепак, смета дека центрите за податоци се „огромни средства“ и дека во САД има многу места каде што може да се изградат.

„Таму има енергија и сè што е потребно“, изјави тој.

Американскиот претседател откри и дека кинескиот претседател Си Џинпинг го пофалил за тоа колку добро се справуваат САД во областа на вештачката интелигенција.

Доколку забраната навистина биде воведена, Белата куќа ќе треба да одлучи и што ќе се случува со веќе изградените центри за податоци на американските технолошки гиганти „Alphabet“, „Amazon“, „Microsoft“, „Meta“ и „Oracle“ во странство.

Трамп одржа голема прес-конференција, главно за да ги претстави резултатите од неговите посети на азиските земји. Во центарот на вниманието беше трилатералната средба со кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин.

Американскиот претседател повторно ја повтори својата теза дека Путин сака да стави крај на војната во Украина, и покрај очигледната ескалација на конфликтот во текот на ноќта, кога Русија изврши еден од најмасовните напади во последните месеци, гаѓајќи енергетски и инфраструктурни објекти во Украина.

Според Трамп, главната пречка за постигнување мир е огромната омраза меѓу Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Трамп повторно истакна дека рускиот претседател му е пријател, но одби да одговори на прашањето дали Путин е пријател и на САД, пренесува „Bloomberg“.

Зеленски, пак, во изјава за „CNN“ реагираше на коментарот на Трамп, велејќи дека за него, како и за повеќето луѓе во светот, Путин е убиец, бидејќи „убива цивили секој ден и секоја ноќ“.

Во меѓувреме, Русија ја отфрли секоја можност за безбедносни гаранции за Украина според моделот на членот 5 од НАТО, какви што бара Киев. Џаред Кушнер, зетот на Трамп и американски преговарач за војната во Украина, тврди дека постигнал договор за такви гаранции.

За време на брифингот Трамп се осврна и на други теми. Тој ги отфрли наводите за несогласувања со потпретседателот Џеј Ди Венс во врска со војната во Иран.

Исто така, изјави дека смета оти извршниот директор на „Nvidia“ треба да се врати на својата функција, откако се извинил за своите неверства.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент дополнително појасни дека прашањето за компанијата не било тема на разговорите во Кина.