СВЕТ

Европа со рекордни 2.000 милијарди долг, AI ги полни касите на технолошките гиганти

Продажбата на обврзници на европските пазари за првпат надмина 2.000 милијарди евра, поттикната од огромните потреби за финансирање на технолошките компании и растечкото задолжување на државите.

Според податоците на „Bloomberg“, рекордната граница била достигната во четвртокот, а вкупната вредност на издадените обврзници изнесува повеќе од 2.000 милијарди евра, односно околу 2.200 милијарди долари.

Еден од главните двигатели на овој раст е трката за развој на вештачката интелигенција. Големите американски технолошки компании, меѓу кои „Alphabet“ и „Amazon“, собираат огромни суми за изградба на центри за податоци и инфраструктура неопходна за развој и користење на новите системи за вештачка интелигенција.

Задолжувањето на корпоративниот сектор е зголемено за околу 49 милијарди евра во однос на минатата година. Од тој раст, приближно 37,5 милијарди евра отпаѓаат на големите технолошки компании кои управуваат со глобални интернет и облачни услуги.

„Alphabet“, „Аmazon“ и „Meta“ се меѓу четирите најголеми нефинансиски издавачи на обврзници на европските пазари оваа година.

Истовремено, државите продолжуваат да се задолжуваат за финансирање на јавните расходи, особено за одбраната и инфраструктурата. Владите, меѓународните институции и организациите поддржани од државите сочинуваат околу 40 отсто од овој пазар.

Рекордното задолжување се случува во услови на повисоки глобални каматни стапки и поскапо финансирање. Сепак, интересот на инвеститорите за корпоративните обврзници засега останува релативно силен.

Но, експертите предупредуваат дека големиот број нови изданија може да ги натера инвеститорите да бараат повисока премија за преземање ризик. Тоа значи дека компаниите би можеле да плаќаат поскапо за новите заеми.

Рекордот покажува колку брзо вештачката интелигенција ја менува и финансиската индустрија: технолошките компании не се натпреваруваат само во развојот на нови системи, туку и во собирањето капитал за изградба на инфраструктурата што ќе ја поддржи нивната експанзија.