Секој што кон крајот на октомври посетил супермаркет во Неапол или во друг град во Јужна Италија, веројатно затекнал речиси празни рафтови со овошје. Околу две недели возачите на тешки товарни возила, незадоволни од високите цени на дизел-горивото, ги блокираа патиштата и пристаништата во јужниот дел на земјата.
Магацините престанаа со работа, а рафтовите со месо, свежо млеко, овошје и флаширана вода во регионите Кампанија, Пуља и Калабрија останаа празни. Во некои помали продавници ваквата состојба траеше само еден ден.
Во октомври цените на непреработените прехранбени производи во Италија биле за 7,5 отсто повисоки во споредба со истиот период минатата година, наспроти растот од 5,5 отсто во септември, покажуваат прелиминарните податоци на националниот институт за статистика „Истат“. Цените на вообичаената потрошувачка кошничка, која опфаќа храна, производи за домаќинството и средства за лична хигиена, пораснале за 2,5 отсто, во споредба со 1,5 отсто во претходниот месец.
Италија е екстремен пример. Но, она што се случува таму укажува на тренд присутен низ цела Европа: по релативно мирната година, неделните набавки на храна повторно поскапуваат, пишува „Еуроњуз“.
Енергијата беше во центарот на вниманието, додека поскапувањето на храната остана умерено
Инфлацијата во еврозоната достигна 4 отсто во октомври, што е највисоко ниво во последните повеќе од три години, покажуваат прелиминарните податоци што Евростат.
Главниот двигател на инфлацијата беа цените на енергенсите. Горивата, електричната енергија и греењето поскапеле за 20,8 отсто во споредба со истиот период минатата година. За разлика од нив, цените на прехранбените производи пораснале значително побавно.
Цените на храната, алкохолот и тутунските производи во еврозоната во октомври пораснале за 1,6 отсто на годишно ниво. Во Европската Унија храната и безалкохолните пијалаци во септември поскапеле само за 0,6 отсто. Тоа е последниот месец за кој се достапни податоци од сите земји членки.
Сепак, подеталната анализа открива значителни разлики. Цените на преработената храна, алкохолот и тутунските производи во октомври пораснале само за 0,5 отсто во споредба со истиот месец претходната година. Цените на непреработените прехранбени производи, во кои спаѓаат овошјето, зеленчукот, месото и рибата, пораснале за 4,6 отсто, откако во август растот изнесувал 2,7 отсто.
„Храната и енергенсите беа главните двигатели на поскапувањето, додека базичната инфлација остана стабилна и покрај продолжениот енергетски шок“, коментира Никола Нобиле, главен економист за Италија во „Оксфорд економикс“.
Тоа е логично ако се размисли како прехранбените производи стигнуваат до продавниците. Тракторите работат на дизел, оранжериите имаат потреба од греење, а речиси сите производи се превезуваат со камиони. Кога овие трошоци нагло растат, свежите производи се особено изложени, бидејќи не можат да останат во магацините со месеци.
Најголемите економии го покажуваат истиот тренд
Во Франција вкупните цени на прехранбените производи во октомври пораснале за 1,2 отсто. Сепак, свежите производи биле за 8 отсто поскапи во споредба со истиот период минатата година, покажуваат податоците на статистичката служба „ИНСЕЕ“. Во септември годишниот раст на цените на овие производи изнесувал 9,5 отсто.
Во Германија храната поскапела само за 0,4 отсто. Во Португалија цените на непреработените прехранбени производи пораснале за 3,7 отсто, исто колку и во септември.
Во Шпанија цените на храната исто така продолжиле да растат во октомври, иако со побавно темпо во споредба со претходната година.
Кипар на прво место, Шведска на последно
Податоците за септември, кои се последни достапни за сите земји членки на ЕУ, покажуваат каде потрошувачите најсилно го почувствувале поскапувањето.
Кипар бележи најголем раст – храната и безалкохолните пијалаци поскапеле за 4 отсто во споредба со истиот период минатата година. Следуваат Шпанија со 2,7 отсто, Романија со 2,6 отсто, Малта со 2,5 отсто и Португалија со 2,4 отсто.
Надвор од ЕУ, Турција бележи значително побрза инфлација кај храната, со поскапување од 27,6 отсто за една година.
Во 14 од вкупно 27 земји членки на ЕУ, храната и безалкохолните пијалаци всушност биле поевтини на годишно ниво.
Најголем пад е забележан во Шведска, каде што цените се намалиле за 6,3 отсто. Тоа се должи на намалувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ). На 1 април владата го преполови ДДВ за храната – од 12 на 6 отсто. Мерката ќе остане во сила до крајот на 2027-ма година.
Пониски цени на храната се регистрирани и во Латвија, Унгарија и Чешка, каде што намалувањето изнесува меѓу 3,8 и 4,8 отсто.
Пет години подоцна, Источна Европа и натаму го поднесува најтешкиот удар
Дури и денешното умерено поскапување доаѓа по период во кој цените веќе бележат значителен кумулативен раст.
Од септември 2021-ва година, кога цените на енергенсите почнаа нагло да растат, храната во ЕУ поскапела за околу една третина.
Во Унгарија поскапувањето надминува 50 отсто. Во Бугарија, Естонија и Романија растот исто така е нешто над 50 отсто. Во Луксембург, Шведска и Франција поскапувањето е поблиску до 25 отсто.
Некои од земјите со најголем раст на цените се и оние во кои храната зазема најголем удел во трошоците на домаќинствата. Така, на пример, за едно семејство во Букурешт или Софија, поскапувањето од 2 отсто на касата може да претставува значително поголем товар за семејниот буџет отколку истиот раст на цените во Луксембург.
Економистите очекуваат вкупниот ценовен притисок да продолжи да се засилува.
Според „Пантеон макроекономикс“, инфлацијата во еврозоната ќе достигне врв од 4,5 отсто во јануари, а компанијата очекува Европската централна банка (ЕЦБ) да ги зголеми каматните стапки во декември.
Податоците за октомври покажуваат дека поскапувањето на прехранбените производи може да се забрза токму во периодот кога почнуваат да пристигнуваат и повисоките сметки за греење во текот на зимата. Во некои делови на Јужна Италија потрошувачите веќе ги чувствуваат последиците од оваа комбинација.