СВЕТ

ЕК предлага фонд од 50 милијарди евра за инвестиции во технолошки компании и квантни технологии

Европската комисија предлага формирање инвестициски фонд вреден 50 милијарди евра, кој ќе обезбедува капитал за европските технолошки компании.

Мерката е дел од поширок пакет иницијативи со кои Брисел сака да ги поддржи европските претпријатија при јавните набавки и да ја зацврсти позицијата на Европската Унија во развојот на квантните технологии, пренесува „Reuters“.

Предлогот за Европски закон за квантни технологии (Quantum Act) има цел да ѝ помогне на ЕУ да ја намали зависноста од трети земји. Во моментов, Унијата заостанува зад САД и Кина во развојот на вештачката интелигенција, производството на чипови и услугите за компјутерско пресметување во облак.

Предлогот доаѓа во време на сè поголема загриженост дека американските компании би можеле да ги користат таканаречените „kill switches“, односно механизми за итно исклучување, за да ја блокираат работата на своите производи на европскиот пазар. Ова дополнително ги засилува напорите на ЕУ да развива сопствени технолошки производи и услуги.

„Квантните технологии ќе ја одредат иднината на индустријата, безбедноста и иновациите и ќе имаат длабоко влијание врз нашите општества. Европа мора да ги забрза активностите уште сега“, изјави еврокомесарката за технолошки суверенитет Хена Виркунен.

Предлог-законот во наредните месеци треба да биде разгледан и усогласен со земјите членки на ЕУ и со Европскиот парламент, пред да може да биде усвоен.

Според Европската комисија, околу една третина од светските компании што работат во областа на квантните технологии имаат седиште во Европската Унија.

Јавното финансирање на овој сектор во ЕУ минатата година достигнало 8,6 милијарди евра. За споредба, во САД изнесувало 5,3 милијарди евра, додека во Кина достигнало 13,6 милијарди евра.

Сепак, Унијата значително заостанува во приватното финансирање на стартап-компаниите од овој сектор. Инвестициите во таквите претпријатија во ЕУ изнесуваат 1,1 милијарда евра, наспроти седум милијарди евра во САД.

„Со оглед на потенцијалното влијание на квантните технологии врз безбедноста, стратешките интереси на ЕУ и нејзината технолошка автономија, неопходно е постапките за јавни набавки да бидат ограничени на производи, системи и услуги што ги обезбедуваат субјекти под контрола на Брисел“, се наведува во предлог-законот.

Во документот се прецизира дека на тендерите ќе можат да учествуваат и компании од трети земји со кои Европската Унија има склучено соодветни договори за реципрочен пристап до јавните набавки.