СВЕТ

ЕУ сака да ги отвори вратите на единствениот пазар за земјите од Западен Балкан

На почетокот на следната година, Европската комисија ќе започне разговори со секој партнер од Западен Балкан за тоа до кои делови од единствениот пазар на Европската Унија би можела да пристапи пред членството, објави Брисел по самитот ЕУ-Западен Балкан.

  • Не треба да чекаме пристапувањето да ги зближи нашите луѓе и економии – рече фон дер Лајен, објаснувајќи дека ЕУ постепено отвора одредени сектори од својот пазар, додека партнерите во регионот спроведуваат реформи за да можат бизнисмените да работат под еднакви услови.

Зборувајќи за Планот за раст за Западен Балкан, таа изјави дека пред една година партнерите спровеле 38 проценти од реформските чекори за кои рокот истекол, и дека овој удел сега изнесува 63 проценти.

  • Постигнатиот напредок би можел да овозможи исплата на дополнителни 338 милиони евра за Албанија, Црна Гора и Северна Македонија во наредните недели, објави фон дер Лајен.

Како пример за придобивките што граѓаните можат да ги почувствуваат дури и пред членството, таа го издвои вклучувањето на четири партнери од регионот во Единствената европска платна зона (SEPA), што овозможува побрз и поевтин трансфер на пари. Таа, исто така, потсети дека минатиот месец ЕУ започна преговори со Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово за користење на услуги за мобилен роаминг по домашни цени.

Таа оцени дека Црна Гора се приближува кон крајот на преговорите за пристапување, додека Албанија брзо напредува кон истата цел.

Порано овој месец, комисијата презентираше патокази со приоритети за следната фаза од преговорите за двете земји. Во исто време, како што рече, разгледа како проширувањето ќе влијае на институциите, политиките и буџетот на самата Унија.

Фон дер Лајен, исто така, ја нагласи важноста на соработката во рамките на Западен Балкан. Таа изјави дека трговијата во регионот значително пораснала, дека квалификациите сè повеќе се признаваат преку границите и дека зелените коридори го забрзуваат транспортот на стоки.

  • Успехот на проширувањето на крајот ќе се мери според тоа што тоа ќе промени во животот на луѓето – рече фон дер Лајен, истакнувајќи повеќе можности за младите луѓе, поголеми можности за бизнисите да растат и да тргуваат преку границите и поголема доверба во иднината