Вештачката интелигенција (AI) е еден од факторите што ѝ помагаат на еврозоната да се справи со енергетската криза предизвикана од војната на САД и Израел против Иран. Ова го изјави претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, пренесува „Bloomberg“.
Во четвртокот, обраќајќи им се на европските лидери во Брисел, Лагард истакна дека регионот покажал поголема отпорност од очекуваната на последиците од конфликтот на Блискиот Исток.
Според неа, вештачката интелигенција и енергетиката се меѓу трите главни фактори што ги обликуваат економските перспективи. Третиот фактор е растот на долгорочните каматни стапки на глобално ниво.
Иако овој тренд делумно ги одразува очекувањата за повисоки трошоци за задолжување кај централните банки ширум светот, главниот двигател е големото издавање обврзници од страна на владите и компаниите, смета Кристин Лагард.
Претседателката на ЕЦБ во четвртокот, исто така, ги повика европските лидери да обезбедат законската рамка за дигиталното евро да биде завршена пред крајот на 2026-та година.
Се очекува Лагард да ја напушти функцијата на 7-ми февруари, речиси девет месеци пред истекот на нејзиниот мандат.
Европските лидери веќе разговараат и за нејзиниот наследник. Шпанецот Пабло Ернандез де Кос важи за главен фаворит за функцијата, откако стана јасно дека Франција и Германија постигнале согласност околу неговата кандидатура.