АВТОБИЗ

„Toyota“ сака да шокира со дизајнот на следната „Corolla“

„Toyota“ сака радикално да го промени концептот на моделот „Corolla“ со следната генерација, која ќе биде 13-та во 60-годишната историја на автомобилот. Јапонскиот производител ја претстави својата концептна верзија минатата година, а сега се подготвува за премиерата на новиот модел.

Уште од првата генерација, „Corolla“ е создадена како практичен автомобил за секојдневна употреба, без претензии да се позиционира во повисоката класа. Тоа се однесува не само на дизајнот, туку и на технологијата. Првиот хибриден модел на компанијата беше „Prius“, додека автоматскиот менувач се појави дури со десеттата генерација на „Corolla“, која и денес може да се сретне на патиштата.

Сегашната, 12-та генерација дополнително ја зацврсти репутацијата на „Corolla“ како практичен и сигурен автомобил за секојдневна употреба, но и како возило со прилично обичен изглед и без особено возбудливи возни карактеристики.

Во „Toyota“ сега одлучиле да го напуштат тој имиџ и подготвуваат многу смела промена – една од најголемите во историјата на овој конзервативен модел.

Промената пред сè се однесува на дизајнерската филозофија што ја следат моделите како „C-HR+“ и „bZ4X“, двата целосно електрични автомобили. Тие го претставуваат идниот правец на марката, а новата „Corolla“ ќе биде позиционирана во нивно друштво.

„Кога го создававме концептот, сакавме да му дадеме нов изглед на името ‘Corolla’. Не станува збор само за следење на чекорите од минатото, туку повеќе за навлегување во иднината, останувајќи верни на суштината на ‘Corolla’ – модел што се развива со времето и ги инспирира луѓето да замислуваат светла иднина. Целта не беше само да создадеме нов автомобил, туку повторно да ја осмислиме иднината, без да гледаме наназад. Станува збор за тоа да ги погледнеме работите низ очите на иднината“, објаснил Норихико Кобајаши, кој ја раководи програмата „Corolla“ од 2011-та година и е една од клучните фигури во „Toyota Motor Corporation“, каде што работи веќе 30 години.

Кобајаши зборувал и за изборот на бојата со која ќе биде одбележана 60-годишнината на моделот.

„Бојата што ја избравме за 60-годишнината е дел од нашата идеја да тргнеме во уникатна насока. Ги разгледавме сите бои што моментално се користат за ‘Corolla’ во светот и решивме да ја избереме оваа посебна нијанса. Изборот за хечбек-верзијата и за ‘Touring Sports’ е развиен и направен од нашиот оддел во Брисел. Нашата цел беше бојата да биде уникатна“, рекол Кобајаши.