АВТОБИЗ

Притискате копче и воланот исчезнува: Ова е новиот кинески теренец (ФОТО/ВИДЕО)

„BYD“ претвори речиси една деценија најави и концептни решенија во технологија достапна за купувачите.

Новиот модел „Fang Cheng Bao Tai 9“, кој кон крајот на ноември 2026-та година беше претставен на кинескиот пазар, е првиот сериски модел на оваа марка со преклопен управувач.

Оваа функција е достапна во најскапата од трите верзии, наречена „Foldable Smart Cabin“. Цените на моделската понуда се движат од 279.900 до 329.900 јуани, односно приближно од 39.000 до 49.000 долари.

Според зборовите на Сионг Тјанбо, генералниот директор на марката „Fang Cheng Bao“, автомобилската индустрија уште од 2016=та година зборува за преклопни волани, но досега никој не успеал да воведе вакво решение во сериско производство.

Интересно е што „BYD“ за придвижување на механизмот ја користи технологијата на електромотори што ја развива за своите хуманоидни роботи.

Воланот исчезнува за десет секунди

Воланот може да се ротира во опсег од 0 до 180 степени со помош на скриени зглобови и електрични актуатори. Кога возилото ќе запре, управувачот се преклопува и се вовлекува во посебен простор во контролната табла за приближно десет секунди.

Потоа, моторизираниот капак го затвора отворот и остава рамна површина на местото каде што претходно се наоѓал воланот.

„BYD“ ја поврзал оваа функција и со предното седиште, кое може да се спушти до агол од 165 степени, претворајќи ја кабината во простор налик на дневна соба.

Механизмот работи исклучиво кога автомобилот е запрен. Производителот нагласува дека ова не е чекор кон автономно возење без возач.

За време на возењето се користи управувач во форма на буквата D, со физички команди.

Системот за управување е електронски, односно „steer-by-wire“, без механичка врска меѓу воланот и тркалата.

Шест седишта и 536 коњски сили

„Fang Cheng Bao Tai 9“ е голем SUV со три реда седишта и конфигурација 2+2+2. Долг е 5.270 милиметри, додека меѓуоскиното растојание изнесува 3.130 милиметри.

Погонскиот систем комбинира 1,5-литарски турбобензински мотор со два електромотора, поставени на предната и задната оска.

Вкупната моќност изнесува 536 коњски сили, што е доволно за забрзување од 0 до 100 километри на час за 4,8 секунди.

Енергијата за електромоторите ја обезбедува батеријата „Blade“ на „BYD“, со капацитет од 66,48 kWh. Декларираниот електричен досег изнесува 310 километри, а истиот пакет батерии е достапен во сите три верзии, без разлика дали имаат преклопен волан.

„Fang Cheng Bao“ веќе не е само експериментален дел од бизнисот на „BYD“. Марката во октомври продала 43.872 возила, што претставува раст од 41 отсто во споредба со истиот месец минатата година.

Засега нема најави дека „Tai 9“ ќе се нуди надвор од Кина.