СВЕТ

Таксите за евтините кинески пратки може да донесат по 6 милијарди евра годишно во буџетот на ЕУ

На 1-ви ноември ЕУ ќе воведе дополнителна давачка од 2 евра за евтините пратки.

Таксите што Европската Унија ги воведува за увозот на евтини пратки од интернет-трговијата, насочени главно кон кинеските платформи како „Shein“ и „Temu“, би можеле да носат по шест милијарди евра годишно во буџетот на ЕУ во периодот од 2028-ма до 2034-та година, покажува документ на Европската комисија во кој увид имал „Reuters“.

Досега необјавената процена го покажува обемот на европските мерки против напливот на евтини увозни производи од електронската трговија, за кои ЕУ смета дека главно пристигнуваат од Кина.

Минатата година во ЕУ влегле околу 5,8 милијарди пратки со вредност под 150 евра, што претставува зголемување од 26 отсто во однос на претходната година. Европската комисија проценува дека кај поголемиот дел од нив била пријавена пониска вредност за да се избегне плаќањето царински давачки.

На 1-ви ноември ЕУ ќе воведе дополнителна давачка од 2 евра за евтините пратки, со што дополнително ќе се зголемат трошоците за секој поединечен артикл, откако од почетокот на јули веќе се применува давачка од 3 евра.

Сопственикот на „Temu“, „PDD Holdings“, во август соопшти дека мерката ќе има „значително влијание“ врз делови од неговото работење, без да објави конкретни бројки. „Shein“ остварува околу една третина од своите приходи во Европа, а продажбата на компанијата во регионот веќе бележела пад уште пред воведувањето на новите такси, откако ги зголемила цените и ги намалила трошоците за рекламирање.

Европската комисија одби да ја коментира процената за очекуваните приходи.

Дирк Готинк, пратеник во Европскиот парламент кој раководи со царинските реформи на Унијата, изјави дека новата такса од 2 евра има цел да се справи со „исклучително токсичен бизнис-модел на увоз со ниска вредност од Кина преку интернет-трговијата, кој не ги исполнува барањата“.

„Новите приходи ни даваат можност и средства да ги надминеме децениите на недоволни инвестиции и да им ги обезбедиме на царинските органи во Европа ресурсите што им се потребни за ефикасно да го заштитат нашиот единствен пазар“, изјави тој.

Прогнозата го зема предвид и очекуваното намалување на бројот на пратки со ниска вредност што влегуваат во ЕУ, бидејќи Брисел очекува трговците да се приспособат на новите мерки.

Таксите вршат притисок врз кинеските платформи

Давачките на ЕУ следуваат по слични мерки што САД ги презедоа минатата година, со укинување на бесцаринскиот третман на интернет-нарачките, како одговор на загриженоста за нелојалната конкуренција и опасните производи.

Комисијата проценува дека околу 90 отсто од собраните приходи од таксите ќе завршуваат во буџетот на ЕУ, а 10 отсто ќе одат кај земјите членки. Тоа, сепак, може да се промени доколку земјите членки побараат да задржат поголем дел од приходите, бидејќи преговорите за буџетот за периодот од 2028-ма до 2034-та година сè уште траат. Во моментов, земјите членки на ЕУ задржуваат 25 отсто од собраните давачки.

Кинеските компании за интернет-трговија веќе почнаа да се приспособуваат. „AliExpress“, во сопственост на кинескиот гигант за електронска трговија „Alibaba“, соопшти дека ги зголемува капацитетите на своите локални магацини како одговор на новите такси, но предупреди дека тие ќе ги погодат домаќинствата со ниски приходи во Европа и „ќе ја влошат кризата со трошоците за живот“.

Според снимки од екранот што ги видел „Reuters“, „Temu“ на некои купувачи им нуди попуст за да ги ублажи трошоците од новите такси, што дополнително го покажува притисокот врз компанијата да го намали ценовниот удар врз потрошувачите. Компанијата не одговорила на барањето за коментар.

Неодамна берзански листираната компанија „Shein“, која ги проширува своите магацински капацитети во Полска, соопшти дека се стреми да одржи „конкурентни“ цени, истовремено обезбедувајќи побрза и поудобна испорака.

Нејзиниот американски конкурент „Amazon“ соопшти дека 97 отсто од производите што ги продава во ЕУ се испорачуваат од магацини во рамките на Унијата, па новите такси ќе погодат многу мал дел од неговите пратки.