СВЕТ

Кина и Индија се подготвуваат за рекорден увоз на руска нафта во 2026-та

Кина и Индија се на пат да забележат рекорден увоз на руска нафта во 2026-та година, пополнувајќи го недостигот во снабдувањето предизвикан од војната во Иран. На тоа укажуваат податоците за движењето на танкерите и информациите од индустриски извори, пренесува „Reuters“.

Ова се случува во период кога привременото ослободување од американските санкции ги олесни набавките на руска нафта, додека украинските напади со беспилотни летала исфрлија од функција дел од руските рафинериски капацитети.

Сепак, трговците и аналитичарите очекуваат испораките за двете најголеми руски купувачи да се намалат во 2027-ма година, бидејќи снабдувањето од Блискиот Исток постепено ќе се нормализира и повторно ќе освојува пазарен удел.

Поморските испораки на руска нафта кон Кина и Индија, двете најнаселени земји во светот, до средината на ноември годинава достигнале просечно 3,4 милиони барели дневно. Тоа е значително зголемување во споредба со околу 530.000 барели дневно во истиот период лани, покажуваат податоците на „Vortexa Analytics“.

Од почетокот на војната цената на суровата нафта од типот „Брент“ пораснала за една третина. Зголемените количества на руска нафта, во кои е вклучена и казахстанската нафта што се извезува преку руските пристаништа, ги зголемиле приходите на Москва од продажбата на нафта, и покрај бројните украински напади со дронови.

Нападите погодиле речиси половина од рускиот рафинериски капацитет, што довело до поголем извоз на сурова нафта.

Според прогнозата на руското Министерство за економски развој, извозот на нафта од Русија во 2026-та година ќе се зголеми за шест проценти, на 244,7 милиони тони, односно околу 4,9 милиони барели дневно.

Привременото ослободување од американските санкции за руската нафта, чија цел беше да се одржи снабдувањето на пазарот за време на кризата на Блискиот Исток, им овозможило на Кина и Индија да го прошират кругот на бродови и добавувачи и да ги зголемат набавките.

Двете земји заедно купиле повеќе од 80 проценти од рускиот извоз на сурова нафта, велат двајца извори од индустријата запознаени со руските нафтени текови.

Русија обезбедува четвртина од увозот на нафта во Кина

Рускиот извоз на нафта во Кина, најголемиот купувач на руската сурова нафта, во периодот од јануари до октомври пораснал за 17 проценти, достигнувајќи 2,34 милиони барели дневно. Вредноста на испораките достигнала 59,6 милијарди долари.

Руската нафта сочинувала околу една четвртина од вкупниот кинески увоз, покажуваат податоците на кинеската Царинска управа. Тоа се случило и покрај падот од 15 проценти на вкупниот увоз на нафта во Кина, предизвикан од намалените испораки од Блискиот Исток.

„Помалите ризици при испораките и поголемата сигурност во снабдувањето беа главните причини за зголемувањето на кинескиот увоз на руска сурова нафта по почетокот на војната“, изјавила Мју Сју, аналитичарка во компанијата „Kpler“, која го следи движењето на танкерите.

Сепак, Микал Мејдан, раководителка на одделот за кинески енергетски анализи при Оксфордскиот институт за енергетски студии, прогнозира дека интересот на Кина за руската нафта ќе ослабне во 2027-ма година.

Причината, според неа, е тоа што зголемениот удел на Русија во кинескиот увоз веќе ја надминува границата што Пекинг ја смета за прифатлива кога станува збор за зависноста од еден добавувач.

„Поважно е тоа што веќе нема попуст, а руската нафта се продава со повисоки премии во однос на ‘Брент’ отколку суровата нафта од Персискиот Залив. Независните кинески рафинерии веќе не можат да си го дозволат тоа“, коментирала Мејдан.

Таа се осврнала на помалите, независни кинески рафинерии, кои во голема мера се потпираат на сурова нафта што се продава по намалени цени.

„Со стабилизирањето на испораките од Персискиот Залив, кинеските рафинерии ќе се вратат на таа нафта, а веќе покажуваат и поголема наклонетост кон бразилските сорти“, додала таа.

Силната побарувачка за руска нафта, поттикната и од намалувањето на испораките на иранска нафта поради американската поморска блокада, ги зголемила премиите на самото место за руската нафта од сортата „ESPO“ на речиси 30 долари за барел над референтната цена на „ICE Brent“ за испораки во Источна Кина.

Индија бележи рекордни набавки на руска нафта

Индија, која е најголемиот купувач на руска сурова нафта што се транспортира по море, до почетокот на ноември увезувала просечно 1,99 милиони барели дневно. За споредба, една година претходно увозот изнесувал околу 250.000 барели дневно, покажуваат податоците на „Kpler“.

Сепак, Индија претходно во текот на годинава ги намалила набавките, откако САД се заканија дека ќе ги зголемат царините.

Во периодот од јануари до октомври, увозот на руска нафта во Индија пораснал за околу 10 проценти, достигнувајќи 1,87 милиони барели дневно. Тоа претставува околу 38 проценти од вкупниот увоз на нафта во земјата, според податоците од индустриски извори.

Извори од индиските рафинерии очекуваат увозот на руска нафта во Индија во 2026-та година да достигне просечно 1,9 милиони барели дневно.

Набавките на Индија би можеле да се вратат на нивото пред војната во Иран доколку се нормализира снабдувањето од Блискиот Исток. Во таков случај, одлуките за увоз повторно ќе бидат главно условени од цените, наведуваат изворите.