Гумите што возачите ги оставаат кај вулканизерите по сезонската замена, а кои неретко завршуваат и покрај патиштата, на дивите депонии или во речните корита, можат да бидат суровина за производство на цела низа производи што имаат пазарна вредност. Од гумени подлоги за детски игралишта и спортски терени до индустриски патосници, градежни материјали и градинарски мебел, можностите за заработка од отпадни автомобилски гуми се бројни.
Во Македонија има простор за развој на ваков бизнис, особено ако се земе предвид дека автомобилските гуми редовно се заменуваат, а вулканизерските работилници, автосервисите и транспортните компании постојано создаваат ваков вид отпад.
За претприемачите што размислуваат да влезат во овој сектор, една од предностите е токму достапноста на суровината. Сепак, од собирањето на старите гуми до продажбата на готовиот производ има повеќе чекори, а секој од нив носи свои трошоци.
Најсериозната деловна можност е механичката преработка на автомобилските гуми во гумен гранулат. Со помош на специјализирани машини, гумите се сечат и се дробат, а металните и текстилните компоненти се одвојуваат од гумата. На крајот се добива материјал со различна гранулација, кој може да се продава на компании од градежниот и индустрискиот сектор.
Ваквиот материјал се користи за производство на гумени плочки, подлоги во фитнес-сали, индустриски патосници, изолациски материјали, како и при изградба на одредени видови спортски терени. Дополнителен приход може да се оствари и од продажбата на издвоениот метал.
Ваков бизнис во 2023 година развил и дипломиран геолог од Појасот Газа, кој со машина за дробење стари автомобилски гуми произведувал гранулат за локалниот пазар.
„Мојот проект ја штити животната средина и помага во намалувањето на еколошките ризици“, изјавил претприемачот.
Од економски аспект, исплатливоста на ваквата инвестиција во Македонија би зависела од три основни фактори: цената на опремата, количината на достапната суровина и обезбедениот пласман на готовиот производ.
Машините за дробење гуми, сепараторите за метал и опремата за производство на гранулат бараат значително поголема почетна инвестиција отколку отворањето обична вулканизерска работилница. Треба да се обезбедат и соодветен простор, индустриска електрична енергија, работници, транспортни возила и противпожарна заштита.
Може ли да се почне со помалку пари?
За оние што не располагаат со доволно капитал за отворање погон за рециклирање, постојат и други деловни можности.
Една од нив е собирањето и транспортирањето отпадни гуми преку договори со овластени постапувачи. Друга можност е изработката на производи од веќе преработена гума, со што се избегнува вложувањето во скапа опрема за дробење.
Гумените плочки за гаражи, работилници, спортски сали и дворови, на пример, можат да се произведуваат од готов гранулат со употреба на соодветни калапи, врзивни средства и преси.
Потенцијални купувачи се градежните компании, општините, приватните градинки, спортските центри, угостителските објекти и сопствениците на индивидуални куќи. Секако, производите мора да ги исполнуваат стандардите за безбедност и квалитет предвидени за нивната намена.
Управувањето со отпадните гуми во Македонија е регулирано со Законот за управување со дополнителни текови на отпад. Претприемачите што сакаат да се занимаваат со нивно собирање, складирање или преработка мора да ги проверат законските услови и потребните дозволи, во зависност од дејноста што планираат да ја вршат.
Колку пари може да се заработат?
Ако една мала производствена компанија остварува заработка од 15 денари по килограм преработена гума, при месечна продажба од 10 тони би имала маржа од 150.000 денари, пред одбивањето на фиксните трошоци и даноците. Станува збор за илустративна пресметка, а не за утврдена пазарна цена во Македонија.
Многу поголема додадена вредност може да се постигне доколку наместо гранулат како суровина се продаваат готови производи.
За почеток, заинтересираните претприемачи би можеле да разговараат со десетина вулканизери, да проверат со колкави количини отпадни гуми располагаат месечно, а потоа да стапат во контакт со потенцијални купувачи на преработената гума.
Дури по обезбедувањето редовна набавка и сигурен пласман би имало економска логика да се инвестира во сопствен производствен погон. Евтината суровина сама по себе не гарантира заработка, особено ако готовиот производ со месеци стои во магацин.
Б.З.М.