МАКЕДОНИЈА

АДПФ: За сигурни идни пензии се потребни јасни правила и реформи засновани на пресметки

Како да се обезбедат сигурни, предвидливи и соодветни пензии и по дваесет, триесет или четириесет години? Ова прашање денес во Скопје беше во средиштето на меѓународната конференција „Одржливи пензиски системи, меѓународни искуства и предизвици“, на која експерти од Хрватска, Полска, Словенија, Романија и Македонија разговараа за тоа што покажуваат реформите во нивните земји и кои поуки се применливи кај нас. На прес-конференцијата што следуваше, АДПФ ги изнесе своите ставови за законското уредување на придонесот во вториот столб, доцнењето на преносот на веќе наплатените придонеси и условите за стручна расправа за идните реформи.

Конференцијата се одржа во рамките на кампањата „Твоја патека, твоја иднина“, во организација на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови (АДПФ) и нејзините членки – Сава пензиско друштво, КБ Прво пензиско друштво и Триглав пензиско друштво – со поддршка на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).

„По денешната размена на искуства со колегите од регионот и пошироко, сакам да се осврнам на тоа што тие искуства значат за Македонија и што можеме да направиме уште денес за да обезбедиме сигурни пензии за идните генерации, а тоа е – придонесот за вториот столб да биде јасно утврден со закон, веќе наплатените придонеси навреме да стигнуваат на сметките на членовите, а за секоја поширока реформа да разговараме врз основа на јавно достапни податоци и актуарски пресметки.“, потенцираше претседателот на АДПФ, Маријан Николовски.

Сумирајќи ја стручната расправа, Татјана Бојковска, секретар на АДПФ, посочи дека успешните пензиски системи се потпираат на повеќе извори на пензиски доход. Ова е неопходност во системи кои се соочуваат си изразени демографски предизвици како што е нашиот. Нивната задача е да воспостават рамнотежа меѓу солидарноста и индивидуалното штедење, како и меѓу висината на пензиите денес и способноста на системот да ги исплаќа истите на долг рок. За значењето на одржливоста говори и фактот што најуспешните пензиски системи на глобално ниво се повеќе столбни, и фактот што држави кои немаат капитално финансирани извори на идни пензии, а одговорно се поставуваат кон идните генерации, како што е Германија, истите ги воведуваат.

Вториот столб, објасни Бојковска, овозможува дел од идната пензија да се обезбеди од средствата на индивидуалната сметка и од приносот од нивното долгорочно инвестирање. „Финансирањето на пензиите помалку зависи од бројот на вработени што во иднина ќе уплаќаат придонеси. Покрај приносот, врз висината на пензиската заштеда влијаат износот на придонесите, редовноста на уплатите и бројот на години во кои се уплаќаат“, истакна Бојковска.

Како пример за натамошен развој, таа го издвои хрватското искуство со повеќе фондови приспособени на различните инвестициски хоризонти на членовите.

На конференцијата се разговараше и за поширока диверзификација на вложувањата и за модернизација на инвестициската рамка. Ефектите од пензиските реформи се мерат во децении, нагласи таа, па одлуките бараат одговорност, стручност, долгорочна визија и стабилност на политиките.

На прес-конференцијата, Иван Стојановиќ, член на раководството на АДПФ, истакна дека придонесот од 6 проценти од бруто-платата за вториот столб мора да остане недвосмислено утврден со закон. АДПФ го поздравува појаснувањето на Владата дека вториот столб продолжува да функционира и дека стапката останува 6 проценти. Кога е објавен предлогот за бришење на членот 120 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, одредбата со која истата стапка треба да се уреди во друг закон сè уште не е објавена на ЕНЕР. Затоа, во доставените коментари на АДПФ до надлежните институции побара двете законски измени да бидат усогласени и да стапат во сила истовремено.

Стојановиќ посочи и дека веќе наплатените придонеси доцнат од 45 до 60 дена, според податоците со кои располага АДПФ. Државниот завод за ревизија за 2024 година констатирал просечно доцнење од околу два месеца. Станува збор за средства што Фондот на ПИОМ треба да ги пренесе во задолжителните пензиски фондови, за потоа да се распределат на индивидуалните сметки. За времето на доцнењето, тие средства не се инвестираат во корист на членовите. АДПФ побара системски да се отстрани причината за доцнењето.

Според податоците на МАПАС што ги изнесе Стојановиќ а во врска со приносите, во 12-те месеци до 30 септември 2026 година, задолжителните пензиски фондови оствариле над 8 проценти номинален и 5,07 проценти реален принос. Од почетокот на работењето, просечниот годишен принос изнесува 5,48 проценти номинално и 2,27 проценти реално. При секоја споредба, нагласи тој, треба да се наведе периодот и да се објасни дали приносот е коригиран за стапката на инфлацијата.

Од 3,5 милијарди евра во вториот столб, 1,26 милијарди евра, или 36 проценти од вкупните средства, се резултат на инвестирањето, посочи Стојановиќ. Според пресметката што ја презентираше, на секои 100 евра вкупен принос за членовите, просечната годишна нето-добивка на друштвата изнесува 22 евроценти. АДПФ ги повика членовите редовно да ја проверуваат состојбата на своите сметки преку електронските платформи на друштвата, а официјалните податоци за приносите да ги следат преку МАПАС.

За предлозите за намалување или замрзнување на стапката, како и за воведување хибриден модел, АДПФ побара сеопфатна анализа на пензискиот систем и актуарски пресметки пред да се донесе одлука. Намалувањето на придонесот во вториот столб би ги намалило идните акумулации и би го зголемило товарот врз првиот столб, посочи Стојановиќ. Анализата треба да покаже какви пензии треба да обезбеди системот, колку ќе чини и од кои извори ќе се финансира. Таа треба да ги опфати и условите за пензионирање, минималните пензии и односот меѓу солидарноста и правата стекнати со стаж и уплатени придонеси. Според АДПФ, користењето на средствата наменети за идните пензии за краткорочно ублажување на буџетскиот дефицит го пренесуваат товарот на демографските предизвици на идните генерации.

АДПФ повика јавно да се објават анализите на ММФ и Светска банка на кои се повикува јавната дебата, за да можат да се разгледаат податоците, претпоставките и актуарските пресметки. Стојановиќ посочи дека досега достапните извештаи главно упатуваат на промени во старосната граница и формулите за усогласување на пензиите, избегнување ад хок корекции, поголема формализација на вработувањата и подобра наплата на придонесите.

Искуствата од меѓународните искуства покажуваат колку долго се чувствуваат последиците од пензиските одлуки. Новинарските прашања отворени на прес-конференцијата покажуваат што може да се решава уште сега – законските одредби за придонесот да се усогласат, а веќе наплатените средства навреме да стигнуваат на сметките. За пошироките реформи, АДПФ е подготвена да ги стави на располагање своите податоци, експертиза и повеќе од две децении практично искуство во разговор со Владата, надлежните институции и стручната јавност. Повеќе од 640.000 членови на вториот столб можат да проверат колку средства имаат и каков принос е остварен за нив, но треба и да знаат кои правила важат и да имаат доверба дека одлуките за нивната идна пензија се носат врз основа на факти, пресметки и долгорочен јавен интерес.

На прес-конференцијата од страна на АДПФ учествуваа и Снежана Станковиќ, Весна Стојановска и Тихомир Петрески.

Странските експерти кои учествуваа на Конференцијата:

Д-р Предраг Бејаковиќ, Хрватска – виш истражувач во Институтот за јавни финансии во Загреб.

Д-р Мачеј Битнер, Полска – раководител на тимот за регулаторни анализи на Варшавската берза на хартии од вредност.

Алеш Ипавец, Словенија – НЛБ д.д., поранешен претседател на Управниот одбор на Љубљанската берза.

Дорин Александру Бадеа, CFA, Романија – коизвршен партнер во Атриум Капитал, независен член на Надзорниот одбор на Банката за инвестиции и развој на Романија и поранешен претседател на CFA Society Romania.

Домашни експерти кои учествува на Конференцијата:

Д-р Благица Петрески – Главен економист и извршен директор на Finance Think, Македонија

Ристо Бајатов – Актуар, Сава пензиско друштво