МАКЕДОНИЈА

Од декември се најавуваат повисоки сметки за сите што се греат на парно

Домаќинствата во Скопје што користат централно греење би можеле да се соочат со ново зголемување на месечните сметки непосредно пред почетокот на најстудениот период од годината. Според објавените предлог-одлуки на Регулаторната комисија за енергетика, за најголем дел од корисниците се предвидува поскапување од околу 7,5 проценти, што на годишно ниво би значело дополнителни неколку илјади денари за семејниот буџет.

Поскапувањето на природниот гас е една од главните причини за новата корекција на цената на топлинската енергија.

Доколку предложените тарифи бидат усвоени, ова би било трето поскапување на парното греење во Скопје во период од една година.

Колку повеќе би плаќале граѓаните?

За семејствата што во моментов плаќаат месечна сметка од 3.000 денари, предложеното зголемување од 7,5 проценти би значело дополнителни 225 денари месечно.

Сегашна сметкаНова сметкаДополнителен годишен трошок*
2.000 ден.2.150 ден.1.800 ден.
2.500 ден.2.688 ден.2.250 ден.
3.000 ден.3.225 ден.2.700 ден.
4.000 ден.4.300 ден.3.600 ден.
5.000 ден.5.375 ден.4.500 ден.
6.000 ден.6.450 ден.5.400 ден.

*Пример пресметка при 12 еднакви месечни сметки и непроменета потрошувачка.

Иако месечното зголемување за дел од домаќинствата можеби не изгледа значително, на годишно ниво тоа претставува дополнителен трошок што треба да се покрие од семејниот буџет.

Парното за една година би поскапело за речиси 20 проценти

Новата корекција на цената доаѓа по претходните поскапувања во текот на годината.

Доколку се реализира најавеното зголемување, за дел од корисниците цената на парното би била за речиси 20 проценти повисока во споредба со периодот пред претходните корекции.

Тоа значи дека семејство што пред поскапувањата плаќало по 2.500 денари месечно, сега би можело да плаќа околу 3.000 денари за истата услуга и потрошувачка. Слободен печат

Поврзано: Скопјани пред ново поскапување на парното, колку ќе плаќаат од јануари?

Дали поскапувањето ќе биде исто за сите?

Зголемувањето нема да биде идентично за сите корисници на централно греење.

За домаќинствата што се снабдуваат преку ЕСМ Енергетика, односно таканареченото железарско парно, предложеното зголемување изнесува околу 7,2 проценти.

Конечниот износ на месечната сметка ќе зависи од снабдувачот, тарифните ставови, потрошувачката и начинот на пресметување на надоместокот.

Ќе поскапи ли и струјата од јануари?

Покрај најавеното поскапување на парното, во наредниот период се очекува да бидат познати и новите цени на електричната енергија за домаќинствата.

Тоа дополнително го отвора прашањето кој начин на греење ќе биде финансиски најисплатлив за граѓаните во текот на 2027 година.

Домаќинствата што размислуваат за промена на начинот на греење треба да ги земат предвид не само месечните сметки, туку и трошоците за набавка и одржување на опремата, изолацијата и енергетската ефикасност на нивниот дом.

Прочитајте и: Колку ќе нè чини топол дом оваа зима? Еве ја математиката за клима, парно, дрва и пелети

Конечната висина на новите сметки за парно ќе биде позната по усвојувањето на тарифните одлуки од Регулаторната комисија за енергетика.

За граѓаните, пак, секое ново зголемување на режиските трошоци значи помалку расположливи пари за храна, облека, кредити и останати потреби на домаќинството.

Б.С.