КОМПАНИИ

„SpaceX“ бара 40 милијарди долари за купување нови чипови од „Nvidia“

Компанијата „SpaceX“ на Илон Маск преговара со банки и инвеститори за обезбедување 40 милијарди долари за купување чипови од „Nvidia“. Доколку се реализира, ова би бил еден од најголемите должнички финансиски аранжмани поврзани со изградбата на инфраструктура за вештачка интелигенција (AI).

Меѓу инвестициските менаџери што ја разгледуваат можната зделка е и „Pacific Investment Management Co.“, објави „Bloomberg“, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите, кои побарале анонимност поради доверливиот карактер на разговорите.

Според изворите, разговорите за прибирање средства се во рана фаза и можно е да завршат без склучување договор.

Конгломератот на Маск, кој ги опфаќа вештачката интелигенција, сателитските технологии и ракетната индустрија, планира да обезбеди околу 10 милијарди долари преку банкарски заеми и дополнителни 30 милијарди долари преку должнички инструменти со инвестициски кредитен рејтинг, за да го финансира купувањето на чиповите, објави претходно „Financial Times“, повикувајќи се на неименувани извори.

Процесот на финансирање го води „Apollo Global Management Inc.“, а според весникот, се очекува зделката да биде финализирана во 2027-ма година.

Технолошките компании и развивачите на модели за вештачка интелигенција инвестираат и се задолжуваат за стотици милијарди долари за изградба и изнајмување огромни центри за податоци опремени со чипови што ги напојуваат системите за „AI“.

Глобалното проширување на компјутерскиот капацитет предизвика нагло зголемување на цените на сè – од земјиште и чипови до опрема за производство на електрична енергија – и поттикна низа големи финансиски зделки.

„Nvidia“, „SpaceX“ и „Apollo“ не одговориле веднаш на барањата за коментар.

По објавата на „Financial Times“, акциите на „SpaceX“ го избришале претходно остварениот раст во вонберзанското тргување, паѓајќи за 1,15 проценти, на 169,94 долари. Акциите на „Nvidia“, пак, пораснале за речиси 0,3 проценти, на 239,86 долари.

Маск планира двојно да го зголеми бројот на чипови во центарот за „AI“

Минатиот месец Маск изјави дека „Colossus 2“, компјутерскиот кластер за вештачка интелигенција на неговата компанија „xAI“, би можел да го удвои, па дури и повеќе да го зголеми сегашниот број чипови на „Nvidia“ до крајот на годината.

Тоа беше најконкретната временска рамка што милијардерот досега ја соопштил во врска со плановите за проширување на кластерот во областа на Мемфис.

Во моментов, „Colossus 2“ располага со 110.000 чипови „Nvidia GB200“ и 440.000 чипови „GB300“, објави Маск на платформата „X“.

Според неговата најава, уште 220.000 чипови „GB300“ треба да бидат пуштени во употреба следната недела, а дополнителни 220.000 се очекуваат во ноември. Уште 220.000 би можеле да бидат активирани кон крајот на декември, „ако имаме среќа“, додаде Маск.

Компанијата „xAI“ на Маск ангажираше неколку фирми од Волстрит, меѓу кои „Apollo“ и „Morgan Stanley“, за тестирање на својот четбот „Grok“.

„Apollo“ и „Nvidia“ во голем договор за AI-инфраструктура

„Apollo“ беше меѓу американските инвестициски гиганти со кои „Nvidia“ во август склучи значајно партнерство за обезбедување финансирање од 500 милијарди долари за инфраструктура за вештачка интелигенција.

Во групата се вклучени и „Blackstone“, „BlackRock“, „Brookfield Asset Management“, „Goldman Sachs Group“ и „KKR & Co.“. Тогаш компаниите најавија дека ќе „создадат специјализирани капитални фондови со значителен обем и под атрактивни услови за клиентите на Nvidia“.

„Apollo“ склучувала и други зделки со компаниите на Илон Маск, вклучително и финансирање во вредност од седум милијарди долари за „xAI“, со цел да се обезбеди пристап до производите на „Nvidia“.

Средствата биле наменети за посебно основано друштво што требало да ѝ помогне на компанијата на Маск да изнајмува чипови за својот центар за податоци „Colossus 2“ во Мемфис.