МАКЕДОНИЈА

Снегот пристигна, еве што треба да знаат сите возачи во Македонија

Снежните врнежи веќе предизвикаа проблеми во сообраќајот низ Македонија, а на неколку планински превои утрово беа регистрирани забрани за движење на тешки товарни возила. Дополнителен проблем за возачите во следните денови ќе бидат ниските температури и можноста за појава на голомразица, дури и на патиштата на кои нема снег.

Според утринските информации на Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) од 29 ноември, ограничувања за движење на тешки товарни возила имаше на четири патни правци:

  • Гостивар – Кичево, преку Стража;
  • Битола – Ресен, преку Ѓавато;
  • Крива Паланка – граничен премин Деве Баир;
  • Маврово – Дебар.

Од ЈП „Македонија пат“ информираа дека екипите се на терен и дека е ангажирана расположливата механизација за расчистување на снегот и одржување на проодноста на патиштата.

Снегот ќе престане, но студот допрва доаѓа

Според објавената прогноза на Управата за хидрометеоролошки работи, почетокот на декември ќе донесе значително ниски температури.

Во вторник, на 1 декември, утринските температури на одредени места се очекува да се спуштат до минус 16 степени, додека во среда, на 2 декември, се прогнозираат температури и до минус 18 степени.

Ваквите температури, во комбинација со влажните коловози, создаваат услови за појава на голомразица, особено на мостовите, надвозниците, планинските превои и делниците што во текот на денот се во сенка.

Возачите треба да бидат особено внимателни во раните утрински и доцните вечерни часови, кога опасноста од замрзнување на коловозот е поголема.

Дали мора да имате зимски гуми?

Од 15 ноември е во сила законската обврска за поседување пропишана зимска опрема, која ќе трае до 15 март 2027 година.

За патничките автомобили со најголема дозволена маса до 3.500 килограми, кои немаат погон на сите четири тркала, зимската опрема може да подразбира:

  • Зимски гуми на сите четири тркала со длабочина на шарата од најмалку четири милиметри.
  • Летни гуми на сите четири тркала со длабочина на шарата од најмалку четири милиметри, со соодветни синџири за снег за погонските тркала во возилото.

Тоа значи дека зимските гуми не се единствената законски дозволена опција, иако нивната употреба е препорачлива во зимски услови.

Што треба да проверите пред да тргнете на пат?

Покрај гумите и зимската опрема, возачите треба да ја проверат исправноста на акумулаторот, нивото на антифризот, течноста за миење на ветробранското стакло, бришачите и светлата на автомобилот.

Ниските температури можат да создадат проблеми со стартувањето на автомобилите, особено кај оние со постари акумулатори.

Од АМСМ апелираат на приспособена брзина, почитување на сообраќајната сигнализација и внимателно управување со возилата.

Граѓаните што планираат да патуваат можат да ја проверат актуелната состојба на патиштата на официјалната страница на АМСМ.

Ограничувањата во сообраќајот можат да се менуваат во зависност од временските услови, поради што е препорачливо возачите да се информираат непосредно пред поаѓањето.