ТЕХНОЛОГИЈА

Скриени функции на „Viber“ што штедат време

Многумина го користат „Viber“ само за основно допишување, но апликацијата нуди низа практични алатки што ја забрзуваат комуникацијата, ги намалуваат грешките при пишување и овозможуваат полесно снаоѓање во преписките и користењето локални услуги.

Еве кои функции ви се достапни и како можете да ги користите.

Автоматска корекција наместо само подвлекување на грешките

Ако „Viber“ само ги подвлекува погрешно напишаните зборови, тоа значи дека е вклучена проверката на правописот, но не и автоматската корекција.

– На компјутер: Кликнете со десното копче на глувчето во полето за пораки и изберете „Correct Spelling Automatically“ (Автоматска корекција на правописот), наместо опцијата „Check Spelling“ (Проверка на правописот), која само визуелно ги означува грешките.

– На телефон: Апликацијата ја користи системската тастатура, па поставката се активира во нејзините опции. На уредите со iOS, одете во Settings → General → Keyboard → Auto-Correction, а на Android во поставките на тастатурата што ја користите, како што се Gboard или Samsung Keyboard.

Една порака до повеќе луѓе без создавање група

Функцијата „Broadcast“ овозможува испраќање иста порака до најмногу 50 контакти истовремено, без создавање групен разговор.

Секој примател ја добива пораката како индивидуална порака, одговара директно вам и не гледа кој друг ја добил истата порака.

Главното ограничување е што примателот мора да го има зачувано вашиот телефонски број во својот именик. Во спротивно, пораката нема да пристигне. Честото испраќање пораки до непознати контакти може да предизвика системот да го означи испраќачот како спамер.

Како да испратите Broadcast-порака:

1. Отворете го „Viber“ на телефонот и одете во „Chats“ (Разговори).

2. Допрете ја иконата за нова порака, а потоа изберете „Broadcast“ (Групно испраќање).

3. Означете ги контактите до кои сакате да ја испратите пораката и потврдете со избор на „Done“ (Готово).

Брза проверка на заедничките групи

Кога со исто лице членувате во повеќе групи – деловни, семејни или пријателски – лесно може да заборавите во која група што сте договориле.

За да ги проверите заедничките групи, отворете приватен разговор со лицето, допрете го неговото име на горниот дел од екранот, влезете во „Chat Info & Settings“ (Информации за разговорот и поставки), а потоа изберете „Groups In Common“ (Заеднички групи).

На едно место ќе ги видите сите групи во кои членувате и двајцата.

Пронаоѓање локални објекти и закажување термини преку апликацијата

Пребарувањето во „Viber“ може да послужи и за пронаоѓање локални услуги, како фризерски салони, козметички студија или мајстори. Доволно е во главното поле за пребарување да ја внесете категоријата или услугата што ја барате.

– Ако е дозволен пристап до вашата локација, покрај резултатите ќе биде прикажано и растојанието до нив.

– На деловните профили се достапни адресата, описот на дејноста, каталогот на услуги или производи и можноста за директен разговор.

– Кај профилите што поддржуваат резервации се појавува копчето „Book Appointment“ (Закажи термин), кое отвора страница за избор на слободен термин без да мора да ја напуштите апликацијата.

На овој начин „Viber“ не служи само за размена на пораки, туку може да биде и практична алатка за пронаоѓање услуги и организирање на секојдневните обврски.