Јапонската корпорација „KDDI“ претстави мобилен телефон со ограничени функции, наменет за луѓето кои сакаат привремено да се оддалечат од интернетот.
Од компанијата соопштија дека новиот телефон ќе почне да се продава следниот месец, пренесе порталот „NHK World“.
Новиот модел е дизајниран по примерот на мобилните телефони што беа популарни во првите години на 21 век. Корисниците нема да можат да преземаат апликации ниту да пристапуваат до интернет.
„Компанијата ги таргетира луѓето кои сакаат привремено да бидат офлајн, бидејќи во денешното информатичко општество поминуваат сè повеќе време на паметните телефони“, соопштија од „KDDI“.
Се очекува новиот телефон да ги привлече љубителите на ретро-уредите и аналогната култура.
Сатоши Сунахара, менаџер во компанијата „KDDI“, изјави дека се надеваат оти новиот телефон ќе им помогне на луѓето кои вообичаено поминуваат премногу време гледајќи во екраните.
И производители од САД и Швајцарија претходно претставија слични мобилни телефони со минимален број функции.