„Google“ воведе нова функција во апликацијата „Gemini“ за компјутерите „Mac“, со која вештачката интелигенција може самостојно да извршува низа задачи во апликации, да отвора менија, да внесува текст и да пополнува формулари.
Новата можност, наречена „Computer Use“, е наменета за автоматизирање на повторливите задачи што обично бараат многу рачни операции. Корисникот треба да му објасни на „Gemini“ што сака да постигне, а системот потоа ги извршува потребните чекори во позадина.
За разлика од обичното давање инструкции или генерирање текст, новата функција му овозможува на асистентот директно да комуницира со компјутерските апликации. Тој може да отвори веб-прелистувач, да пребарува информации, да преместува податоци меѓу документи и да пополнува полиња во различни програми.
Од „Google“ наведуваат дека системот може, на пример, да извлече податоци од сметки зачувани во папка на компјутерот и да ги внесе во програма за евиденција на трошоци.
Друг пример е работа со фотографии: „Gemini“ може да отвори софтвер за обработка, да примени одредени поставки на повеќе фотографии и потоа да ги извезе готовите датотеки.
Функцијата работи во посебен прозорец во позадина, така што корисникот може да продолжи да работи на главниот екран. Во разговорот се прикажува и преглед на активностите што ги извршува вештачката интелигенција.
„Google“ нагласува дека корисникот ја задржува контролата врз процесот. Тој одлучува на кои апликации ќе им биде дозволен пристапот на системот, може да ги следи неговите активности во живо, да го паузира и да одобрува важни операции.
Новата функција почна да се воведува од вчера, но засега е ограничена на корисници во САД кои ја користат апликацијата на англиски јазик и имаат компјутер „Mac“ со процесор „Apple Silicon“ и оперативен систем macOS Sequoia 15 или понов.
Ова е уште еден чекор кон таканаречените AI-агенти – системи што не само што одговараат на прашања, туку можат да преземаат конкретни задачи и да ги извршуваат во име на корисникот.