ТЕХНОЛОГИЈА

„BlackBerry“ се враќа: Легендарниот бренд претстави безбеден интернет-прелистувач за „Windows“

Компанијата „BlackBerry“, која некогаш беше позната меѓу корисниците по своите телефони со физичка тастатура и услугата „BBM“ (BlackBerry Messenger), одамна го насочи своето работење кон деловните клиенти, по падот на сопствениот екосистем на паметни телефони.

Во најновиот потег насочен кон корпоративниот сектор, компанијата го претстави „BlackBerry Access Secure Browser“ за „Windows“.

Овој интернет-прелистувач, базиран на „Chromium“, ја вградува заштитата на податоците на „BlackBerry“ директно во прелистувачот. Наменет е за користење на компјутери врз кои организациите можеби немаат целосна контрола. Новото решение им се придружува на верзиите на „BlackBerry Access“ за iOS и Android и го заменува постариот десктоп-клиент на „BlackBerry Access“.

Прелистувачот е осмислен да ги спои предностите на концептот „Bring Your Own Device“ (BYOD), односно користењето лични уреди за работа, со корпоративното управување заради поголема безбедност. Но, контролата се однесува исклучиво на самиот прелистувач.

Наместо да управуваат со целиот компјутер, организациите преку „BlackBerry Access“ можат да ги контролираат само активностите во прелистувачот.

Од „BlackBerry“ велат дека сè повеќе луѓе се отворени за ваквиот пристап, бидејќи тој ги ограничува можностите на организациите да интервенираат во нивните лични компјутери, додека на компаниите им овозможува побезбедно чување на деловните податоци.

Наместо користење целосни десктоп-апликации, „BlackBerry“ предлага организациите да работат преку прогресивни веб-апликации (PWA). Популарните софтверски решенија како „Outlook“, „Teams“ и „OneDrive“ добро функционираат во ваков формат, а „Teams“ поддржува и стандардни известувања на „Windows“.

Прелистувачот ја користи и мрежната инфраструктура на „BlackBerry“ за поврзување, како алтернатива на VPN-клиентот, овозможувајќи им на корисниците пристап до внатрешните веб-апликации на компанијата.

Корисниците и понатаму можат да користат VPN доколку сакаат, но новото решение нуди дополнителни можности или може да послужи како резервна опција.

За да се избегне ризикот деловните документи да се преземаат директно во личните папки на корисниците, „BlackBerry Access“ ги чува датотеките во заштитен простор во самиот прелистувач.

Вградена е и компонента на „LibreOffice“, која им овозможува на корисниците да уредуваат документи без интернет-врска. Тоа може да биде особено корисно при патување или престој во хотел со слаб Wi-Fi-сигнал.

Преку решението „BlackBerry Secure“, компанијата сака да одговори и на уште еден проблем со кој се соочуваат владите, регулаторните тела и операторите на критичната инфраструктура – прашањето кој ја контролира политиката на интернет-прелистувачот, каде се спроведува таа контрола и под чија правна надлежност се наоѓа.

„BlackBerry Access“ е апликација базирана на платформата „BlackBerry Dynamics“, која функционира во шифриран простор и го наследува моделот на имплементација на системот „BlackBerry UEM“.

Кога „BlackBerry UEM“ е инсталиран локално, односно во инфраструктурата на самата организација (on-premises), политиката на прелистувачот, управувањето и дигиталниот идентитет остануваат во сопственото технолошко опкружување и под правната надлежност на организацијата.

За уште повисоко ниво на безбедност, истата технологија може да функционира и во мрежи што се физички изолирани од интернет (air-gapped).