БАНКИ

Се воведува привремена администрација во „Алта банка Битола“, воведен неделен лимит од 10.000 денари за плаќања и повлекување пари

На вонредната прес-конференција од 1 ноември 2026 година, гувернерот на Народната банка на Македонија, д-р Трајко Славески, објави дека централната банка го презема управувањето со Алта банка АД Битола со воведување на привремена администрација.

Со цел заштита на домашниот банкарски сектор и одржување на стабилноста, управувањето со „Алта банка Битола“ во наредниот период целосно преминува под контрола на лица назначени директно од Народната банка.

Гувернерот Славески најави итни, но привремени мерки со кои во следниот период ќе се регулираат плаќањата и повлекувањата од оваа банка.

„Станува збор за заштитна привремена мерка. Во период од една седмица, граѓаните кои имаат сметки во оваа банка ќе можат да вршат плаќања и повлекувања во вкупен износ до 10.000 денари“, изјави Славески.

Според информациите што ги соопшти гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на вонредната прес-конференција, заклучно со вчерашниот ден (31 октомври) граѓаните и фирмите подигнале околу 2 милиони евра од Алта банка АД Битола.

Гувернерот Трајко Славески посебно стави акцент на финансиското здравје на самата институција на домашниот пазар, со цел да ги смири депонентите и јавноста.

Тој изјави дека „Алта банка а.д. Битола“ е во одлична кондиција, располага со висококвалитетно кредитно портфолио и има исклучително висока стапка на ликвидност. Банката сама по себе е ликвидна, високо капитализирана и ги исполнува сите супервизорски стандарди во Македонија.

Славески појасни дека воведувањето на привремената администрација не е резултат на лошо работење, несолвентност или внатрешни проблеми во македонската банка, туку е чисто превентивна мерка за да се спречи ненадеен одлив на капитал.

Славески упати апел до сите учесници во јавни дебати да се воздржат од изјави што можат да предизвикаат вознемиреност, повикувајќи ги граѓаните кои имаат кредити во банката редовно да ги подмируваат своите обврски.