КОМПАНИИ

„Hugo Boss“ ја намали прогнозата за продажбите и профитот

Германската модна компанија „Hugo Boss“ ја намали прогнозата за продажбите и профитот, наведувајќи дека причините за тоа се послабата потрошувачка побарувачка, неизвесноста на пазарот и повисоките трошоци за вештачка интелигенција и технологија.

Компанијата, која е под контрола на британската групација „Frasers Group“, соопшти дека очекува добивката пред камати да изнесува меѓу 250 и 300 милиони евра. Претходната прогноза предвидуваше добивка до 350 милиони евра.

Акциите на „Hugo Boss“ забележаа пад од повеќе од еден процент на берзата во Франкфурт. Сепак, од почетокот на годината до крајот на тргувањето во понеделникот, нивната вредност беше повисока за 7,3 проценти.

Позната по скапите костуми и долната облека, германската модна куќа минува низ втор обид за преструктурирање под раководство на извршниот директор Даниел Гридер.

Тој се обидува повторно да го врати растот на компанијата, која се соочува со низа предизвици. Меѓу нив се царините во САД, слабата побарувачка на кинескиот пазар и долготрајно слабите резултати во сегментот на женската облека.

Новите финансиски цели претставуваат „пореалистична проценка на пазарното опкружување“, изјави Гридер.

Тој додаде дека останува посветен на планот за преструктуирање, кој предвидува оптимизирање на производните линии, затворање на одредени продавници, поттикнување на продажбата по редовни цени и попрецизно управување со дистрибуцијата кон партнерите на големо.

„Сметаме дека Boss премногу го прошири бизнисот со продажба на големо, што негативно се одрази врз профитните маржи“, коментира Манџари Дхар, аналитичарка во „RBC Europe“.

Според неа, одлуката за ограничување на испораките кон трговците на големо е правилен потег, но тоа веројатно ќе значи дека 2026-та година ќе биде период на приспособување за компанијата.

„Frasers Group“, дел од трговската империја на британскиот милијардер Мајк Ешли, постепено ја зајакнува контролата врз „Hugo Boss“ од јуни наваму.

Во септември, извршниот директор на „Frasers“, Мајкл Мареј, кој е зет на Ешли, беше назначен за претседател на Надзорниот одбор на германската модна компанија.

Последното предупредување за послабите финансиски резултати на „Hugo Boss“ може да доведе до директно вклучување на мнозинскиот сопственик „Frasers Group“ во оперативното работење на компанијата.

Ова го оценува Андреа Фердинандо Легиери, аналитичарка во „Bloomberg Intelligence“, според која зголемените трошоци покажуваат дека стратегијата за остварување раст преку намалување на деловните активности не ги дава очекуваните резултати.

Таа смета дека е потребен нов пристап, предводен од „Frasers“, за да се зголеми профитната маржа на EBIT на 10 проценти.