Во насока на натамошно проширување на достапноста на банкарските услуги за клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола, Народната банка информира дека од денес, 25 ноември, правните лица можат во целост да располагаат со новите приливи на своите сметки во Банката, доколку средствата се пренесени од платежни сметки на клиенти отворени кај други банки и даватели на платежни услуги. Тоа значи дека фирмите ќе можат без ограничување на износот да ги користат дополнително примените средства врз оваа основа.
Потсетуваме дека и физичките лица можат во целост да располагаат со новите приливи на своите сметки во „АЛТА банка“ АД Битола, доколку средствата доаѓаат од платежни сметки отворени кај други банки и даватели на платежни услуги. Оваа можност се однесува на новите приливи врз сите основи, вклучувајќи ги и новите приливи од плати, пензии и социјални трансфери, коишто доаѓаат од институции или фирми коишто имаат сметки во други банки и даватели на платежни услуги. Во таа смисла, клиентите на Банката немаат потреба од отворање платежна сметка во друга банка, бидејќи ќе може да располагаат со пристигнатите приливи врз овие основи во целосен износ, со користење електронско или мобилно банкарство, користење платежна картичка или подигање готовина преку отворените шалтери на Банката.

