МАКЕДОНИЈА

Гласен текстилец: Недела ќе остане неработен ден, нема враќање назад во работничките права!

Гласен текстилец најостро ја осудува изјавата на заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, со која се отвора можноста недела повторно да стане работен ден. Синдикалците се децидни, ваквите изјави претставуваат директен удар врз стекнатите работнички права и обид за враќање назад кон практиките на експлоатација на работниците. Како едни од иницијаторите за законското решение со кое недела стана ден за неделен одмор, тие потсетуваат дека ова право не беше подарено од ниту една влада, туку беше резултат на долгогодишна борба, истражувања, сведоштва на работници и притисок од граѓанскиот и синдикалниот сектор.

Постојното законско решение и онака предвидува бројни исклучоци за дејности во кои работниот процес бара континуитет, како и можност за работа на трговските објекти во туристичките места. Оттука, тезата дека недела како неработен ден го оневозможува функционирањето на стопанството е неоснована. Особено загрижува аргументот дека на работниците им се ускратува можноста да заработат повеќе преку работа во недела. Од Гласен текстилец прашуваат, во која реалност живее заменик-министерот и дали е запознаен со состојбите во приватниот сектор во Македонија?

„Токму поради непостоењето веродостојна евиденција на работното време, манипулациите со одработените часови, неплатената прекувремена работа и неисплаќањето на законски предвидените додатоци за работа на празник, Гласен текстилец беше меѓу иницијаторите за воведување на ова законско решение. Од нашата долгогодишна теренска работа и секојдневна комуникација со работниците, сведочиме дека овие прекршувања се масовна појава во приватниот сектор. Ако работодавачите не ги плаќаат ниту прекувремените часови, ниту работата на државен празник, врз основа на што заменик-министерот гарантира дека ќе ја плаќаат работата во недела?“ велат синдикалците.

Од Гласен текстилец ја отвораат дилемата, за каков слободен избор на работниците се зборува во услови на економска зависност, ниски плати, притисоци од работодавачите и страв од губење на работното место? Дали работникот навистина ќе има право да одбие да работи во недела без да трпи последици?

Синдикалците апелираат, наместо Министерството за економија и труд да се занимава со укинување на стекнатите работнички права, тие очекуваат да се занимаваат со обезбедување достоинствени плати, задолжителна и веродостојна електронска евиденција на работното време, зајакнување на инспекциските механизми и санкционирање на работодавачите кои ги прекршуваат законите.

„Доколку навистина постои грижа за економската благосостојба на работниците, тогаш зголемете ги нивните плати, наместо да им го одземате единствениот заеднички ден за одмор со нивните семејства. Работниците треба да можат достоинствено да живеат од својата редовна плата, а не да бидат принудени да се откажат од одморот за да обезбедат основна егзистенција. Работничките права не смеат да бидат предмет на пазарење со стопанските комори. Економскиот развој не смее да се темели на евтина работна сила, неплатен труд и жртвување на приватниот и семејниот живот на работниците.“ се наведува во реакцијата на Гласен текстилец.

Гласен текстилец јавно и недвосмислено порачува дека нема да дозволи уназадување на ова стекнато работничко право. Доколку се пристапи кон законски измени со кои недела повторно би станала редовен работен ден, в елат дека ќе ги повикаат работниците, синдикатите, граѓанските организации и пошироката јавност на масовни протести, мирна граѓанска непослушност и организиран отпор. Работниците не се машини. Нивното достоинство, здравје и право на одмор не се предмет на преговори!

И.П