Во Македонија сè потешко се наоѓа добар мајстор, келнер, готвач, возач, електричар или градежен работник. Фирмите објавуваат огласи, бараат луѓе преку познаници, нудат подобри услови, но работници нема доволно. Особено тешко се пополнуваат местата за кои се бара искуство и конкретен занает. Додека македонските работници заминуваат на работа во Германија, Австрија, Хрватска и Словенија, домашните газди сè почесто бараат спас во работници од Непал, Бангладеш, Индија и Турција.
На списокот на дефицитарни занимања одамна не се само програмерите и инженерите. Се бараат продавачи, магационери, месари, автомеханичари, водоинсталатери, бравари, заварувачи, електричари и работници во производството. Недостигаат и луѓе за работа во хотели, ресторани и градежни компании.
Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во второто тримесечје од 2026 година во Македонија имало 10.697 слободни работни места. Најголем недостиг е забележан во угостителството, каде што стапката на слободни работни места достигнала 6,23 проценти.
Во угостителството проблемот особено се чувствува во туристичката сезона. Хотелите и рестораните во Охрид, Струга и другите туристички места бараат келнери, готвачи, шанкери и собари, додека дел од домашниот кадар заминува на сезонска работа во соседството. За работниците пресудни се платите, сместувањето, работното време и условите што ги нуди работодавачот.
Познавачите на пазарот на трудот посочуваат дека проблемот не е само во бројот на работници, туку и во нивните квалификации. Компаниите бараат луѓе што веднаш можат да почнат со работа, а такви кандидати има сè помалку. Особено се бараат искусни занаетчии, за кои обуката трае подолго и не може едноставно да се заменат со неквалификуван кадар.
Претставници на градежниот сектор предупредуваат дека заминувањето на квалификуваните работници во западноевропските земји е една од главните причини за недостигот. Компаниите поради тоа се обидуваат да понудат повисоки плати, подобри услови и дополнителни обуки за да ги задржат преостанатите мајстори.
За проблемот со платите претставниците на градежниот синдикат и претходно предупредуваа дека работниците не можат да се задржат со ниски примања.
„Ние немаме работници за дома ако ви треба нешто, а камо ли за градење пруга, автопат, брана, тунел… Но за да се обезбедат работници требаат и пари, а ние сакаме работници без пари“, гласеше едно од предупредувањата на синдикалните претставници.
Недостигот на домашен кадар ги тера компаниите сè повеќе да се свртуваат кон странски работници. Владата ја зголеми квотата за работно ангажирање странци за 2026 година од 10.000 на 13.000 лица. Најголема потреба од дополнителна работна сила има во градежништвото, угостителството и други стопански дејности.
Според податоците на Агенцијата за вработување, од почетокот на годинава до 19 август биле издадени 1.837 мислења за работници од Бангладеш, 1.257 за работници од Турција и 787 за работници од Непал. Следуваат Индија и Пакистан. Станува збор за мислења во постапките за вработување, а не за ист број веќе вработени лица.
Економските познавачи укажуваат дека увозот на работна сила може да помогне во пополнувањето на празните места, но домашните компании истовремено треба да вложуваат во преквалификација, обука и задржување на постојните работници.
Проблемот се чувствува и кај малите фирми, каде што отсуството на еден искусен работник може да го забави работењето. За разлика од големите компании, тие потешко можат да понудат дополнителни финансиски погодности и да се натпреваруваат за истиот кадар.
Во меѓувреме, огласите за работа продолжуваат да се повторуваат. Се бараат келнери, возачи, готвачи, мајстори и продавачи. Некои работни места се пополнуваат брзо, други остануваат празни со месеци. А за работниците што имаат добар занает и искуство, изборот станува сè поголем.
Б.З.М.