Ревизијата утврди состојби за кои е потребно преземање на активности во делот на стратешкото управување со информациската безбедност, ИТ капацитетите, управувањето со ризици, одржувањето и надградбата на системите и планирањето на континуитетот на работењето.
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на информациски системи како ревизија на успешност во Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија на тема „Имплементација на безбедносни мерки и контроли во ИТ системот на Фонд за здравствено осигурување на Република Северна Македонија” со цел да даде одговор на прашањето „Дали се имплементирани ефективни безбедносни мерки и контроли во ИТ системот на Фондот ?“ Со ревизијата се утврдени слабости во повеќе области значајни за информациската безбедност, особено во стратешкото и оперативното управување со ИТ, управувањето со безбедносните ризици, човечките капацитети, одржувањето и надградбата на ИТ ресурсите, управувањето со пристапите и автентикацијата, како и обезбедувањето континуитет на работењето.
Информацискиот систем на Фондот има значајна улога во целокупното функционирање на здравственото осигурување. Преку системот се обезбедуваат услуги за различни корисници и се разменуваат податоци со учесници во здравствениот систем, меѓу кои здравствени установи, осигуреници, обврзници и договорни субјекти. Затоа, сигурноста, достапноста и интегритетот на информациите и ИТ системите се од особено значење за непречено функционирање на услугите поврзани со здравственото осигурување.
Со ревизијата е утврдено дека е потребно дополнително унапредување на стратешкото управување со информациската безбедност, проценката и управувањето со ризиците, политиките и процедурите, човечките капацитети и техничките ресурси , со цел да се обезбеди зголемено ниво на заштита на информациите и ИТ системите.
Во услови на сè поголема зависност на јавните услуги од дигиталните системи, од особено значење е институциите да имаат воспоставени механизми кои овозможуваат навремено спречување, откривање и надминување на потенцијални прекини во работењето , како и заштита и обновување на податоците.
Со ревизијата се утврдени и ограничени човечки капацитети во Секторот за информатика. Во периодот опфатен со ревизијата (од 2023 година до 2025 година, при што беше опфатен период пред и период по завршување на ревизијата, до денот на изготвување на овој извештај), од вкупно 42 систематизирани работни места биле пополнети само 7, односно 16,67% . Дополнително, не е пополнета работната позиција „Офицер за сигурност на информациониот систем“ , која има значајна улога во управувањето со безбедносните политики, мониторингот на системите, заштитата на базите на податоци и координацијата на безбедносните активности.
Ревизијата утврди и дека, иако во јули 2023 година 556 од вкупно 830 вработени ја завршиле основната онлајн обука за сајбер безбедност, во понатамошниот период не се спроведувале други континуирани обуки и активности за информациска безбедност , ниту, пак, биле реализирани симулации со лажни фишинг пораки за проверка на подготвеноста на вработените да препознаат сајбер напади.
Слабости се утврдени и во обезбедувањето континуирана поддршка и одржување на ИТ системот. Анализата на осум клучни договори за ИТ услуги за периодот 2023–2025 година покажала дека во одредени периоди постоеле временски празнини во покриеноста со договори, односно периоди без обезбедени услуги за одржување и поддршка.
Дополнително, ревизијата утврди дека до завршувањето на ревизијата не било спроведено пенетрационо тестирање на целиот информациски систем , со кое би се овозможило навремено идентификување на потенцијални слабости во неговата заштита.
Во делот на заштитата и обновувањето на податоците, Фондот има набавено и имплементирано систем за заштита на податоците и резервни копии, со можност за нивно чување и обновување. Утврдивме дека Фондот нема ажурирана и одобрена политика за поврат на податоците од резервните копии, а не е спроведено ниту тестирање на обновувањето на податоците .
Во услови на сè поголема зависност на јавните услуги од дигиталните системи, од особено значење е институциите да имаат воспоставени механизми кои овозможуваат навремено спречување, откривање и надминување на потенцијални прекини во работењето , како и заштита и успешно обновување на податоците.
Фондот има воспоставено секундарна локација за обезбедување континуитет на функционирањето во случај на прекин на примарниот ИТ систем. Утврдивме дека е потребно дополнително унапредување на плановите и процедурите за континуитет на работењето и обновување по инциденти, како и нивно соодветно тестирање.
Исто така е утврдена и потребата информациската безбедност да се третира како континуиран процес на управување со ризици , кој опфаќа планирање, превентивни мерки, редовно одржување и унапредување на системите, развој на човечките капацитети и подготвеност за постапување во случај на инциденти.
Врз основа на утврдените состојби, дадени се препораки насочени кон отстранување на причините за утврдените слабости и потенцијални ризици и кон подобрување на ИТ безбедносните мерки и контроли во Фондот. Со нивното спроведување се очекува да се придонесе кон поголема сигурност и отпорност на ИТ системите, подобра заштита на информациите и непречено обезбедување на услугите од здравственото осигурување.
Вршителот на должност директор на Фондот на ден 26.10.2026 година достави до Државниот завод за ревизија „Акциски план на ФЗОРСМ за постапување по наодите и препораките од Конечниот извештај за извршената ревизија за 2024г“ заведен под број 02-20186/1 од 21.10.2026, со кој детално се наведуваат активностите кои ќе бидат преземени за надминување на утврдените состојби и имплементирање на дадените препораки, одговорните лица како и периодот на имплементирање. Наведениот акциски план претставува составен дел на ова соопштените.