СВЕТ

САД и Русија разговараат за американски инвестиор во „Северен ток“

Bисоки руски и американски претставници, меѓу кои и специјалниот пратеник на САД, Џаред Кушнер, разговарале за вклучување американски инвеститор во гасоводите „Северен ток“, објави „Reuters“, повикувајќи се на пет лица запознаени со ситуацијата.

Во разговорите учествувал и Кирил Дмитриев, близок советник на рускиот претседател Владимир Путин, како и Кушнер, кој е и зет на американскиот претседател Доналд Трамп, наведуваат изворите.

Кушнер, кој истовремено е ангажиран и во обидите за постигнување примирје меѓу Русија и Украина, ги гледа деловните односи како важен елемент за обновување на мирот. Според „Reuters“, евентуален договор би им овозможил на американските инвеститори да остваруваат профит од енергетските текови кон Европа по завршувањето на војната.

Во изминатите недели Дмитриев и Кушнер се сретнале и во Москва и во Њујорк. Иако не е јасно до кој степен „Северен ток“ бил тема на тие средби, двајца од изворите за „Reuters“ рекле дека прашањето било на дневен ред.

„Какви било договори ќе мора да бидат преговарани од Русија со „DFC“ (Американската корпорација за меѓународен развој и финансии, државна институција, н.з.) и Министерството за финансии и мора да им носат корист на американските даночни обврзници и компании“, изјавил претставник на Белата куќа, одговарајќи на прашањето за разговорите за гасоводот.

Сепак, истиот претставник за „Reuters“ изјавил дека неодамна немало разговори за „Северен поток“.

Дмитриев, кој се залага за обновување на продажбата на руски гас за Германија, минатиот месец се сретнал со претставници на американските министерства за енергетика и финансии за да разговараат за можни енергетски иницијативи меѓу САД и Русија. Претставник на Дмитриев одбил да го коментира случајот за „Reuters“.

И натаму не е јасно до кој степен Вашингтон е заинтересиран за обновување на испораките на руски гас за Германија, најголемиот потрошувач на енергенси во Европа.

Американски претставник изјавил дека, имајќи ги предвид постојните пречки, постигнување договор во среден рок е малку веројатно. Гасоводите „Северен ток“ се под санкции на САД и Европската Унија, што значи дека нивното повторно пуштање во употреба во моментов би било незаконско.

Трамп би можел да ги укине или ублажи американските санкции, но доколку демократите ја преземат контролата врз Конгресот по изборите закажани за следниот месец, тоа би било потешко.

Германија и други европски земји, кои трошат милијарди евра за модернизација и зајакнување на своите вооружени сили поради безбедносните закани од Русија, потенцијално би се спротивставиле на повторното пуштање на „Северен ток“.

Портпаролка на германското Министерство за економија и енергетика изјавила дека „Северен ток“ и рускиот гас се под европски санкции и дека Германија обезбедила алтернативи. Таа истакнала дека за повторно пуштање на гасоводите е потребно одобрение од германската влада, но дека такво нешто не се бара.

Пред руската инвазија на Украина во февруари 2022-ра година, Германија набавувала повеќе од половина од потребниот гас од Русија преку двата гасовода „Северен ток“. Нивната работа беше прекината откако Москва ги ограничи испораките кон Европа, а гасоводите беа оштетени во серија подводни експлозии во септември 2022-ра година.

Разговорите меѓу Москва и Вашингтон се одвиваат во услови на длабока европска недоверба кон намерите на Русија.

Претходно оваа година, шефовите на пет европски разузнавачки служби изјавија за „Ројтерс“ дека Русија не сака брзо завршување на војната и дека наместо тоа ги користи разговорите со САД за да инсистира на склучување деловни договори.

Односите меѓу Русија и Германија – една од најголемите земји-донатори на воена помош за Украина – се на критично ниско ниво, откако германски официјални лица ја обвинија Русија дека спроведува систематска кампања на хибридни напади.

Некои германски пратеници тврдат дека ваквите деловни договори би ја зајакнале позицијата на Москва додека таа води војна против Украина.

„Ова се заканува да се претвори во „валкан договор“ кој скапо ќе ја чини Европа“, изјавил пратеникот Михаел Келнер, кој беше задолжен за германската енергетска политика непосредно по руската инвазија на Украина.

„Американците и Русите ќе го поделат профитот“, смета тој.

Иако владејачката коалиција во Германија се спротивставува на обновувањето на работата на гасоводот, партијата „Алтернатива за Германија“ (AfD) го поддржува неговото повторно активирање. Според „Reuters“, Дмитриев на почетокот на следната година треба да се сретне со раководството на „AfD“ за да разговара за повторно воспоставување на продажбата на руски гас.

Сепак, продажбата на компанијата која управува со гасоводите „Северен поток“ на американски инвеститор или обновувањето на испораките на руски гас би се соочиле со низа пречки.

Компанијата е 51 отсто во сопственост на рускиот државен енергетски гигант „Газпром“, додека дополнителни 31 отсто се поделени меѓу две германски компании. Останатиот удел е во сопственост на француска и холандска компанија.

Двете германски компании-акционери имаат намера да ги задржат своите удели за да го зачуваат германското влијание во случај „Газпром“ да одлучи да го продаде својот удел, наведува извор запознаен со ситуацијата.

Разговорите за „Северен поток“ се одвиваат паралелно со други можни деловни договори меѓу САД и Русија. Кушнер и Дмитриев разговарале и за продажба на низа компании во сопственост на рускиот енергетски гигант „Лукоил“, меѓу кои рафинерии и бензински станици во Европа и други делови од светот.

Според два извора запознаени со разговорите, во тој план би учествувал конзорциум составен од „DFC“ и инвеститори од Катар и Обединетите Арапски Емирати, додека американските власти би ги укинале санкциите.