„Renault“ подготвува електрично враќање на легендарниот миниван „Espace“.
Концептот „E-Space“ би можел да прерасне во сериски модел за само две години и да се позиционира како европска алтернатива на модели како „Volkswagen ID. Buzz“.

„Renault“ подготвува електрично враќање на легендарниот миниван „Espace“.
Концептот „E-Space“ би можел да прерасне во сериски модел за само две години и да се позиционира како европска алтернатива на модели како „Volkswagen ID. Buzz“.
Оригиналниот „Espace“ беше претставен во 1984-та година и своевремено го промени начинот на кој европските семејства гледаа на автомобилскиот превоз.
Препознатлив по својата „кутијаста“ каросерија и огромниот простор во кабината, „Espace“ стана еден од симболите на сегментот на повеќенаменски возила, односно „MPV“.
Сега „Renault“ сака да го врати овој концепт во модерно, целосно електрично издание.
Концептот „E-Space“ има краток преден дел, исправена маска со осветлено лого на „Renault“ и многу закосено ветробранско стакло, што му дава спортски изглед.
Рамната странична линија и речиси вертикалниот заден дел го нагласуваат максималното искористување на просторот.
„Renault“ засега не го откри бројот на седишта ниту капацитетот на багажникот, но прототипот изгледа како возило со два реда седишта.
Претходните генерации нудеа конфигурации со пет и седум седишта, а некои верзии имаа и предни седишта што можеа да се ротираат.
Концептот е долг 4,7 метри. Техничките детали сè уште не се познати, но „Renault“ претходно ја најави новата механичка платформа „RGEV“ за компактни автомобили со електрична архитектура од 800 волти.
Производството на оваа платформа би требало да биде околу 40 отсто поевтино во споредба со актуелните модели.
Новиот електромотор развива до 275 коњски сили, додека верзијата со продолжувач на автономијата би можела да го зголеми електричниот досег од околу 750 на дури 1.400 километри.
Сериски модел уште во 2028-ма година?
„Renault“ го претвори концептот „5“ во сериски автомобил за три години, додека за новиот „Twingo“ биле потребни само две години.
Доколку „E-Space“ се развива со слична динамика, серискиот модел би можел да пристигне на европските патишта за околу две години, односно во 2028-ма година.
Враќањето на овој модел доаѓа во момент кога „MPV“ возилата повторно го привлекуваат вниманието на купувачите, особено поради практичноста што „SUV“ моделите не секогаш можат да ја понудат.
Концептот „E-Space“ ќе биде една од главните ѕвезди на настапот на „Renault“ на Саемот за автомобили во Париз, заедно со електричниот „Gordini 8“, новиот „Twingo“, освежените модели „Scenic“ и „Megane“ и концептот „4 JP4x4“.